Приведена почесната конзулка на Хрватска

Приведувањето се случило по распишана потерница на барање на велешкото обвинителство.

by fokus

Почесната конзулка на Хрватска во Македонија вчера попладне била уапсена по претходно распишана потерница од обвинителството во Велес. Од МВР информираа за случајот, објавувајќи само иницијали, а „Фокус“ од доброупатени извори дознава дека станува збор за почесната конзулка.

Во 12.20 часот на ул.„Франклин Рузвелт” во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги од СВР Скопје ја лишиле од слобода В.Х.(64) од Дебар, а со место на живеење во Скопје. За неа била распишана потерница по Наредба на Основно јавно обвинителство Велес за истрага поради сомнение за сторено кривично дело по член 353 од Кривичниот законик – „ злоупотреба на службената положба и овластување“. Лицето било предадено во Основно јавно обвинителство Велес за понатамошна постапка, информираа вчера од МВР.

„Фокус“ побара одговор од Обвинителството дали В.Х. досега била недостапна за Обвинителството и во колкав временски период, бидејќи истата е јавна личност, односно изминатиот период имаше јавни настапи.

-Лицето за кое покажувате интерес беше обезбедено за да даде исказ во врска со предмет по кој се постапува во Основното јавно обвинителство Велес, по донесена Наредба за спроведување истражна постапка за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Истрагата е се уште во тек, поради што обвинителството не може да сподели повеќе детали, ни одговорија од Обвинителството, од каде што не одговорија на нашето прашање дали за осомничената бил побаран притвор.

„Фокус“ стапи во контакт со конзулката Вита Хузјан, а на прашањето дали вчера била уапсена, истакна дека и се јавиле многумина и дека ништо не е точно.

-Еве сум дома, ве замолувам да не ме вознемирувате, ни рече конзулката, по што ни спушти слушалка.

Во 2010 година, таа била избрана и за една од 10 најуспешни жени менаџери.

В.В.

Поврзани новости