Високи затворски казни за обвинетите во „Шпион“

by lali

Првообвинетиот, ексразузнувачот, Маријан Ефремов доби 15 години затвор за злосторничко здружување, шпионажа, измама, уцена и прикривање. Генералот Горан Стојков, пак, доби девет години , за изнуда, поседување на оружје и злосторничко здружување. На оваа одлука Стојков бурно реагираше, при што влезе во вербален конфликт со обвинителката.

Екс директорот на Дирекцијата за спречување на перење на пари, Ване Цветанов, доби три години затвор, но Цветанов денеска излегува на слобода, до правосилноста на пресудата. Цветанов оваа затворска казна ја доби за злосторничко здружување и откривање на државна тајна, a судот појасни дека делотo шпионажа му се издвојува.

Маријан Маџовски, од кабинетот на Трајко Вељаноски, доби 1,5 година затвор за злосторничко здружување и уцена, а поранешниот вработен во ДБК, Александар Диневски доби 4,5 години за шпионажа. За ова кривично дело казна затвор од по 3,5 години добија Влатко Стаматовски, Мирослав Зафировски и Благоја Цветановски. По три години добија Тоше Константиновски и Кирил Соколов.

Обвинетите Иџет Абди, Алексо Ангеловски и Миќо Насковски добија по една година повеќе. Казна од 2,5 години доби Ацо Вучинич. Висока казна од 6,5 години доби Цветан Дамјановски за поседување на оружје и уцена.

Во образложението на пресудата судијата наведе дека се покажало дека обвинетите за одредена сума пари одавале државни тајни на странски служби. Адвокатите по изрекувањето на пресудата не сакаа да коментираат, но сепак се очекува сите да поднесат жалби.

Обвинетите кои добија затворски казни под 4 години, до правосилноста на пресудата ќе се бранат од слобода.

Поврзани новости