Црна Гора се соочува со сериозна пожарна криза, додека високите температури и силниот ветер создаваат дополнителни предизвици за гаснење на активните огнени фронтови. Најкритична е ситуацијата на планината Ловќен, каде што синоќа пожарникарските служби од Цетиње и Котор водеа напорна борба со огнот.
Началникот на Службата за заштита и спасување, Милош Чечановиќ изјави дека состојбата утрово е подобрена, иако борбата со огнот продолжува.
„Монтираме резервоар за вода и очекуваме хеликоптер за поддршка при гаснење,“ нагласи Чечановиќ.
Тој потврди дека ноќта била исклучително тешка, но со заеднички сили, теренот е ставен под контрола.
Во акцијата учествуваа две специјализирани возила со десет пожарникари од Цетиње, и четири возила со 12 пожарникари од Котор.
Пожарот избувнал во близина на магистралниот пат кон Котор, зафаќајќи ниска вегетација, а силниот ветер го забрзал неговото ширење.
Покрај Ловќен, активен е и пожар во регионот Очиниќи, каде што се очекува воздушна поддршка од Дирекцијата за вонредни ситуации.
Исто така, нов инцидент се случил во Грахово, каде што, според Радио-телевизија Никшиќ, еден пожарникар е повреден за време на интервенцијата, а на терен е ангажирано и хеликоптерско одделение.
Дополнително, Институтот за хидрометеорологија и сеизмологија на Црна Гора предупреди дека топлотниот бран ќе трае уште најмалку два дена, со температури кои надминуваат 40 степени Целзиусови, како резултат на нов топол бран од централниот Медитеран.