Вишото јавно обвинителство прифаќа поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски кој е осомничен за набавка на тендер за сообраќајни прекршоци, да излезе од притвор со гаранција во висина од околу 500 илјади евра. Информацијата за мислењето на Вишото јавно обвинителство од ЈОРМ ја потврдиле за „360 степени“.
– Вишото јавно обвинителство Скопје, по предметот оформен по поднесена жалба на обвинетиот Д.Р. со понудена гаранција, до Апелациониот суд Скопје согласно законските надлежности достави писмен предлог со кој му се предлага на Судот да ја уважи жалбата на обвинетиот, да ја прифати понудената гаранција во висина од 30.686.215.00 денари и да ја замени мерката притвор со понудената гаранција, изјавиле од ЈОРМ за „360 степени“.
Обвинителството одлучувало по жалбата што ја поднел Рашковски до Вишото обвинителство откако Кривичниот суд му го продолжи притворот. Конечната одлука дали Рашковски ќе остане во притвор треба да ја донесе Апелацискиот суд кој треба да одлучува за жалбата и да го разгледа мислењето на Вишото обвинителство.
„Фокус“ вчера објави дека Вишото јавно обвинителство не дало согласност поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков да остане во притвор иако понуди гаранција од 10,8 милиони евра. За Мијалков претходно првостепеното обвинителство, односно Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција даде позитивно мислење, но Кривичниот суд реши да ја одбие гаранцијата.
И за двата предмета сега треба да одлучува Апелацискиот суд.
Рашковски е осомничен и за него се води постапка затоа што како генерален секретар купил софтвер за автоматско казнување на сообраќајни прекршоци иако Министерството за внатрешни работи тоа не го побарало и не го користи софтверот.
Мијалков пред повеќе од еден месец беше осуден на 8 годишна казна затвор за случајот „Трезор“. За случајот со нелегалното масовно прислушување „Таргет и Тврдина“, пак, поранешниот директор на УБК беше осуден на казна затвор од 12 години, а против него се водат и други постапки.