Мијалков да остане во притвор, гаранцијата од 10,8 милиони евра не го „омекна“ Вишото обвинителство

by fokus

Во следните неколку дена Апелација ќе треба да пресече дали екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, ќе остане во притвор во истражниот затвор „Шутка“, или ќе му ја прифати гаранцијата од 10,8 милиони евра за да се брани од слобода.

Откако Кривичниот суд неодамна реши да ја одбие гаранцијата, и покрај позитивното мислење од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, односно на обвинителот Артан Ајро, Мијалков поднесе жалба до Апелација. Оттаму за „Фокус“ потврдија дека предметот го добиле во вторникот, по што го пратиле во Вишото обвинителство. Таму пак била донесена одлука жалбата да се одбие и Мијалков да остане во притвор. Оваа одлука ја донел вишиот обвинителот Бурим Рустеми, кој беше дел од СЈО, а од неодамна беше избран за Виш јавен обвинител.

Сега предметот е во рацете на второстепениот суд, кој треба да пресече дали Мијалков ќе остане и понатаму во притвор или ќе му ја прифатат понудената гаранција и ќе се брани од слобода.

Мијалков пред повеќе од еден месец беше осуден на 8 годишна казна затвор за случајот „Трезор“. За случајот со нелегалното масовно прислушување „Таргет и Тврдина“, пак, поранешниот директор на УБК беше осуден на казна затвор од 12 години.

За неколку дена ќе биде познато и дали некој кривично ќе одговара за 48 часовното бегство на Мијалков, бидејќи предистражната постапка е при крај и веќе треба да се донесе одлука дали ќе се отвори истрага или предметот тука ќе се затвори.

-Надлежниот јавен обвинител ја привршува предистражната постапка за настанот. Во тек е финална анализа на обезбедените докази од направените проверки по што ќе следува донесување јавнообвинителска одлука, изјавија од обвинителството за „Фокус“, но не одговорија на нашето прашење дали откриле каде точно се криел Мијалков.

Мијалков, кој пак тврдеше дека бил болен, а не избеган, исчезна кога му беше одреден домашен притвор пред изрекувањето на пресудата за „Таргет и Тврдина“.

Валентина Вурмо

Поврзани новости