Висар Ганиу: Дел од зелената агенда на ДУИ е гасификација на Чаир

by Fokus

Секогаш може и повеќе и подобро, пред четири години го преземав мандатот со доста амбициозен план и енергија за да ги реализирам проектите. Успеавме да реализираме преку 200 проекти, или во просек секоја недела по еден реализиран проекти, имавме и доста предизвици со пандемијата со што дел од проектите се одложија или имаат побавен прогрес, вели во разговор за Фокус досегашниот и кандидат за иден градоначалник, Висар Ганиу.

Тој потенцира дека меѓу најважните проекти се изградба на најголемата градинка во Македонија, токму во Чаир, изградбата на источната трибина на стадионот во Чаир и катниот паркинг над Бит Пазар.

-Најголемиот дел од реконструкциите на улици е веќе завршен и граѓаните можат удобно да се возат со нивните превозни средства. Нормално е некогаш некои реконструкции да траат повеќе од планираното поради временските услови или други непредвидени подземи работи. Важно е дека општината секогаш е во комуникација со граѓаните за да се има разбирање. Секако дека ми се драги сите проекти околу реновирање на училиштата и новите паркови кои ги изградивме – вели Ганиу.

Тој посочува дека дивоградбите се проблем на територија на целата држава, а Чаир, како што истакнува, не е помеѓу општините со најголем број на дивоградби.

-Законот за легализација на дивоградбите за општината донесе над 12.000 барања за легализација на куќи изградени децении претходно. Над 80% од тие барања се веќе реализирани и луѓето имаат свои имотни листови. Од друга страна, Собранието на РСМ на неколку наврати тој закон го менуваше, како од аспект на регулатива, така и од аспект на промена на рокови. Тие промени кај населението отворија можност за недоразбирање или свесна злоупотреба, со што општината во рамки на своите ингеренции презема мерки. Објектот на кои реферирате е изграден пред да ја преземам јас општината и ние како администрација – вели Ганиу.

Тој додава дека ДУИ како партија отворив една нова ера каде зелената агенда е ставена како приоритет. Според него, оваа агенда не опфаќа само зеленилото, туку и низа други политики и насоки кои придонесуваат за поквалитетен живот.

-Во рамки на таа агенда е креирана и нашата нова програма со која конкурираме пред граѓаните. Во фокусот на новиот мандат ќе биде изградба на катни гаражи со што ќе се ослободи доста од јавната површина што во моментот граѓаните ја користат како паркиралишта во неможноста да им се овозможи соодветен простор. Тој ослободен простор ќе се трансформира во паркови. Дел од зелената агенда е и гасификација на Чаир, во прва фаза на сите училишта и јавни објекти а понатака и на домаќинствата. Ова ќе придонесе доста за зелената агенда. Понатака, во програмата предвидувам зелени кровови, фотоволтаични извори на енергија, дигитализација на општинските процеси и услуги, патеки за велосипеди итн – објаснува Ганиу.

Воедно, чаирскиот градоначалник потенцира дека една од главните заложби во новата програма е решавање на сообраќајните проблеми.

-Во таа насока е проширување на булеварот Цветан Димов, од сегашните четири на шест коловозни ленти, со Градот Скопје, капитална инвестиција од над 7.000.000 евра кои градот ги има предвидено; спојувањето на бул Џон Кедени со бул Никоја Карев, многу важно за крвотокот на Чаир, од суштинска важност, како и проширување на Мак-Косовоска Бригада од две на четири коловозни ленти. Со овие три сообраќајни потега, Чаир од комуникациски аспект ќе добие нов идентитет.Со новиот план за Цветан Димов се предвидува и рапид бас систем – изјави Ганиу.

Во врска со состојбата со училиштата и градинките во Чаир, тој појаснува дека во изминатиот мандат го заокружиле процесот на реконструкција на училиштата.

-Во училиштата О.Н. Конгреси и Манастирит изградивме и спортска сала, со што сега девет училишта имаат спортски сали, останува уште во „Цветан Димов“ да се изгради таква сала. Во програмата 2021-2025 предвидувам кај постојните основни училишта да се прошири капацитетот. Поради зголемен број на ученици, кај повеќето училишта има потреба за проширување на капацитетот со нови училници. Еден таков проект веќе спроведовме во училиштето „Исмаил Ќемали“ и се покажа како доста успешен и корисен. Покрај проширување на капацитетот, предвидувам и изградба на надворешни спортски терени кај училиштата кои немаат такви терени во дворот – истакнува Ганиу.

Во однос на внатрепартиските состојби во ДУИ, Ганиу вели: „Јас сум активен член на ДУИ од самото формирање на партијата во пред 20-тина години. Во изминатите две децении ДУИ се покажа како партија која еволуира најмногу во споредба со останатите партии во политичката сцена. ДУИ освен тематскиот прогрес, истотака покажа дека умее да дозволи политичките ставови поединците да ги искажуваат на слободен начин”

Редакцијата на “Фокус” го исконтактира и противкандидатот од Алијанса/Алтернатива, Бекир Сали, дополнително ги очекуваме неговите одговори.

 

Соња Танеска

Поврзани новости