Обвинување дека градоначалникот и дал премногу за чистење на мајката на неговиот противкандидат, но и пријава за загрозување на неговата сигурност во Лозово!

by fokus

Иако станува збор за мала општина, сепак во Лозово редовни се настаните кои го привлекуваат вниманието на јавноста. Така на пример, пред пет дена актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат од редовите на СДСМ, Ацо Велковски, во ОВР Свети Николе пријавил загрозување на сигурноста, кога во село Каратманово 47-годишниот С.С. тргнал кон него со метален предмет.

Кој и зошто сакал да го нападне градоначалникот, не успеавме да дознаеме, бидејќи вчера и денес, во телефонски разговор тој ветуваше дека ќе не побара подоцна и ќе раскаже се, затоа што моментално бил во гужва.
Но, покрај пријавата за загрозување на сигурноста, актуелно е и обвинувањето од неговиот противкандидат од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Бошко Цветковски, кој тврди дека Велковски врши притисок врз неговата мајка, вработена како хигиеничарка во општината, и и дал премногу објекти за чистење.

Тој го објави документот со промена на работното време на неговата мајка, каде е наведен и описот на работа, односно дека ќе треба да чисти три објекти го голема површина, дворно место, да се грижи за одржување на хигиена на санитарни јазли, да учествува во набавка на потребни средства за работа и да ги одржува и полива цвеќињата.
Според Цветковски, станува збор за изживување врз неговата мајка, за кое Велковски треба да одговара.

Инаку, мајката на кандидатот Цветковски, Снежана, во декември 2019 година пред камери го обвини Велковски дека врз неа врши мобинг и секојдневно добивала казни. И било забрането да користи мобилен телефон на работа, немала столче, на вработените им било забрането да комуницираат со неа – раскажуваше таа пред ТВ камерите.

Беа актуелни и обвинувањата дека градоначалникот избркал трудница од работа, но и дека е наместена општинската лотарија, кога неговата ќерка доби шпорет (кој веднаш ветија дека ќе го донираат).

Кога во јули годинава премиерот Зоран Заев ја најави повторната кандидатура на Велковски, во разговор за ,,Фокус” тој кажа дека пишува автобиографија, во која ќе раскажел за сите настани. Порача дека жените кои го обвинуваа за мобинг си одат на работа, и дека станувало збор за политичка хајка, која се уште траела.

Иако вети дека ќе раскаже детали за последните случувања, тој до објавата на веста не стапи во контакт со нас.

Вики Клинчарова

Поврзани новости