Вирусот го дочекавме со подготвеност, ќе го испратиме со позитивност, велат сопружниците од Неготино кои имаат Ковид – 19

by Фокус

Можеби некому ќе му звучи необично, но корона вирусот кој ни беше потврден мене и на мојот сопруг пред неколку дена го дочекавме подготвени. Уште откако се прогласи пандeмијата во светот, кога сфативме за што станува збор, следејќи ги информациите и препораките од релевантните здравствени институции во светот и земјава, ни беше јасно дека мојот сопруг е во ризичната група, и голема е веројатноста да ни се случи Ковид – 19 – вака за ,,Фокус” го започна разговорот Паскалина Најдова од Неготино.

Таа и нејзиниот сопруг Ѕвонко, кој е вработен во Граничната полиција, се наоѓаат на домашно лекување, по добиените позитивни резултати. Раскажуваа дека сега и двајцата се чувствуваат добро, иако до пред неколку дена имале дел од симптомите карактеристични за инфекцијата.

-Колега на мојот сопруг е позитивен на вирусот, па поради контакт со него и тој се инфицираше. Се започна со омалаксаност, препотување, на почеток горчлив вкус во уста, а потоа и губење на сетилата за вкус и мирис. Се јави и покачена температура, веднаш ни беше јасно за што станува збор. Се тестиравме, и резултатите и за двајцата се позитивни. На почетокот, кога ни беше кажано дека колега на Ѕвонко е позитивен на вирусот, ние веќе имавме разработен план. Живееме во куќа на два ката, тој веднаш се смести на едниот, јас останав на другиот, додека ги чекавме резултатите. Кога веќе се испостави дека и двајцата сме позитивни, пак се сместивме заедно – се смее додека раскажува Паскалина.

Таа додава дека поради многуте контакти кои ги има нејзиниот сопруг на работа, уште на почетокот на пандемијата одлучиле да започнат со јакнење на имунитетот, бидејќи им било јасно дека голема е можноста од инфицирање. Започнале секојдневно да пијат витамин Ц, цинк, витамин Д, како и да внимаваат на исхраната.

-Од она што го следевме од релевантните здравствени извори, имунитетот, како и кај секоја друга болест, игра многу важна улога. Затоа речиси три месеци работевме на негово зајакнување. Витамини, мед, многу овошје, зеленчук, храна богата со минерали… Кога на мојот сопруг започна да му се намалува покачената температура, започна да му се враќа силата, јас ги почувствував симптомите. Температура до 37,5 степени, главоболка, блага треска. Додека тој се чувствуваше слабо, јас се грижев за него, кога кај мене се јави слабоста, тој започна да се грижи за мене. Денес сме веќе многу подобри, но остануваме со здравата исхрана, супи, течности, овошје – појаснува Најдова.

Потенцира дека многу е важно на време да се побара помош, да не се кријат симптомите или пак сомнежот дека некој е инфициран. Добиле соодветна терапија, комбинација од повеќе лекови, и вели дека лекарствата во комбинација со здравата храна многу им помогнале и на двајцата.

-Мислам дека многу луѓе грешат што оставаат да помине време, можеби се надеваат дека е настинка, или пак се плашат од предрасуди и молчат за болеста. Тоа мора да прекине, со цел да се спасат што е можно повеќе животи. Ова е епидемија и не смее да се има предрасуди. Мора да се бара лекарска помош благовремено, да не се чека. Ние тоа го сторивме, и верувам дека брзата реакција, но и превентивното примање на витамини има голема важност што денес сме веќе многу подобри –вели Паскалина.

Раскажува дека е горда на себе и на својот сопруг поради големата свест и грижа за јавното здравје која и двајцата ја покажале во случајот. Таа немала контакт со никого уште од почетокот на пандемијата, а нејзиниот сопруг единствено контактирал со колегите од работа кои сега се изолирани.

-Им кажав на родителите, на роднините, на соседите, дека останувам во карантин, бидејќи постои голем ризик поради работата на Ѕвонко да се инфицираме. Ниту дружби, ниту кафиња, никакви средби немавме со никого. Едната ќерка ми живее во Неготино, другата е во Дубаи. Бидејќи не работам, целото време го минував дома, бев свесна и никого не изложив на опасност. Кога епидемиолозите ја правеа анкетата со контакти кои сме ги имале, дури и не им се веруваше дека навистина сме биле свесни до тој степен. Луѓе сме, мораме да се грижиме за доброто на целата заедница, ова еден ден ќе помине, сите ние ќе треба потоа да се погледнеме во очи. Никој нема право да го загрозува здравјето на другите, во случајот со овој вирус, и животот на ризичните групи. Според тоа правило се водевме целото време, затоа ни е мирна совеста – раскажува Најдова.

Откако се наоѓаат во домашна изолација, нејзината ќерка и родителите им носеле храна и им ја оставале пред врата. Ги следеле сите мерки и препораки, апелира до целата јавност да ги почитува мерките и да ги слуша здравствените работници.

-Болеста не е игра, доста е сериозна. Имавме среќа што минуваме со полесни симптоми, но секојдневно сме сведоци за изгубените животи, за луѓе чиј организам не можел да се избори со болеста. Сите заедно мораме да се избориме со епидемијата, бидејќи ова е нешто од кое зависи целото човештво, поврзани сме еден со друг, не може да знаеме однапред кој како ќе реагира на вирусот. Можеби некој ќе го помине лесно, но некои платија и со животот. Затоа, свеста и дисциплината мора да ни бидат на највисоко ниво! Ние ја добивме терапијата на време, се покажа како ефикасна, брзата реакција е значаен фактор – вели неготинчанката.

Времето во домот сега им минувало во позитивен дух, се обидувале да се шегуваат на своја сметка, да не мислат на болеста, со весели теми се бореле со вирусот.

-Многу сме подобри, дома функционираме вообичаено, секако се внимава на внесувањето на витамини и здрави намирници, зборуваме за весели теми, се слушаме телефонски со блиските. Она што најмногу ми значи е што никого не изложивме на опасност, што кога сето ова ќе помине, со крената глава ќе можеме да ги погледнеме роднините, пријателите, сограѓаните. Многу ни значи нивната поддршка, затоа уште кога ги добивме резултатите решивме дека нема причина да се криеме, туку отворено и на социјалните мрежи испративме порака дека сме инфицирани. Наидовме на позитивни реакции, на поддршка и желби за добро здравје. Сакаме да им дадеме поттик на сите кои се во ситуација како нашата, дека нема потреба од криење, од срам, од бегање од реалноста. Вирусот е реален, ова е нашето ново секојдневие, ќе помине и оваа бура. Ковид – 19 не смее да биде табу, само со отворен пристап, со искреност, самосвест и дисциплина ќе извојуваме победа – порача Најдова.

Вики Клинчарова

Поврзани новости