Вие лозарите сте „поотепани“ од нас, берачите!

by fokus

За берење на грозје од шест часот наутро, до 12 на пладне, годинава берачите добиваат дневница од 1.200 денари. Како што велат, 200 денари од час, за нив е солидна заработка за трудот, па поради тоа веќе години наназад, во ек на гроздоберот во Тиквешко на берба доаѓаат цели семејства од Кочани, Радовиш, Струмица…

Берат наутро, но и во тек на пладневните часови, доколку некој ги викне. И тогаш дневницата им изнесува по 200 денари од час. Појаснуваат дека во еден ден можат да заработат и по 2.000 денари со берба на грозје, и остануваат во Кавадарци и Неготино, сместени во изнајмени соби се додека трае гроздоберот, до средината на месец октомври.

-Пред околу 15 години, дневницата за шест часа берба ни беше околу 500 денари. Потоа, секоја година, како што растеа цените на животните трошоци, и ние започнавме да бараме поголеми дневници. Сега стигнавме до 1.200 денари, оваа цена беше актуелна и лани – раскажуваат.

Но, велат, ако нивните дневници пораснале за повеќе од 100 проценти, ги чуди како цената на грозјето во изминатите петнаесеттина години, постојано е иста, со мали, незначителни разлики од неколку денари плус или минус.

-Излегува дека газдите на лозјата каде што работиме се ,,поотепани” од нас. Растат трошоците за храна, сметки за струја, гориво, но цената на грозјето постојано се врти тука некаде. Додека сме на берба, ги слушаме лозарите како по телефон се расправаат околу откуп, очигледно е дека не им е лесно – коментираат.

Кога се откупните цени на грозјето во прашање, поради тоа што со години наназад не се зголемени, додека сите други трошоци на лозарите значително пораснаа, алармираа и лозарите кои пред една недела излегоа на протест.

Тогаш, со нив се сретна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Хоџа. Тој изјави дека нема да остане неоткупено грозје, како и дека ќе се заложи сите сорти на грозје да бидат опфатени со помошта од два денари за килограм.

Пред три дена, министерот повторно се состана со лозарите кои протестираа, во просториите на министерството. Информираше дека откупната цена за оваа реколта е објавена од страна на винариите и изнесува 11 денари за смедеревка и 12 до 13 денари за вранец. Но, денес, лозари реагираат дека единствено во винарската визба Тиквеш се почитуваат цените кои претходно беа истакнати и смедеревката се откупува по 11 денари за килограм, кои се исплаќаат на три рати. Во речиси сите други откупни пунктови, откупувачите биле категорични, смедеревката се откупува по цена од осум денари за килограм.

-Се кажа цена од 11 денари, за да на крај таа дојде до осум денари! Бербата е во ек, немаме време за чекање, велат лозари од Неготино, испраќајќи апел до министерот Хоџа навремено да се интервенира и да се испратат инспекциски екипи на терен.

И лозари од Кавадарци завчера алармираа дека многу откупни пунктови и винарски визби не ја почитуваат договорената цена, 11 денари за смедеревка и 13 денари за вранец. Градоначалникот Митко Јанчев излезе на прес конференција и упати апел да се почитува договорот. Го повика Министерството за земјоделство активно да се вклучи во делот на откупот, во интерес на лозарството и информираше дека единствено винарската визба Тиквеш се придржува до неформалниот договор за откупните цени, но не и останатите винарии и откупни пунктови.

За ,,Фокус” министерот Хоџа вели дека инспекторатот веќе е на терен. -Во среда имаме состанок со винарските визби. На четири винарии им се одземени лиценците поради неправилности во работењето. Земјоделците се повикани да пријават неправилности – порача министерот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости