Две лица се ранети, меѓу кои едно петгодишно дете, откако жена влегла во црква во Тексас и почнала да пука со пиштол.
Двајца полицајци кои не биле на должност реагирале и ја убиле жената.
Пукањето се случило нешто пред 14 часот по локално време. Жената заедно со малото дете, кое подоцна било рането, влегле во огромната црква Лејквуд – зграда со капацитет од 16.000 луѓе која порано била арена за Хјустон Рокетс од НБА.
Повреден е и 57-годишен маж. Деталите за пресметката остануваат нејасни, а полицијата не го соопшти идентитетот на жената или можниот мотив. Исто така, не е познато каков однос имаат жената и момчето и кој всушност пукал во него и во ранетиот маж, пишува Асошиејтед прес.
Police respond to shooting reported at pastor Joel Osteen's Lakewood Church in Houston pic.twitter.com/WZw3eaFxIA
— Topmixtapes.com (@topmixtapezcom) February 12, 2024
„Осомничената го доведе момчето во опасност. Таа е виновна“, изјави началникот на полицијата во Хјустон, Трој Финер, на новинарите за време на прес-конференцијата пред црквата. Момчето е во критична состојба во детска болница, додека мажот е во стабилна состојба во друга болница со рана на колкот.
Мегацрквата ја посетуваат 45.000 луѓе секоја недела, што ја прави трета најпосетувана мегацрква во САД. Остин предупреди дека последиците можеле да бидат многу поголеми доколку пукањето се случело порано, околу 11 часот, кога во црквата имало повеќе луѓе.