Жителите на Виена не смеат да ги напуштата своите домови, сообраќајот е запрен, не минуваат веќе ни трамваите, ниту метрото додека полицијата трага по терористите кои вечерва пукаа на шест локации кон случајни минувачи во Првата зона, во центарот на австриската престолнина. Пукањата се случиле во близина на улицата каде што се наоѓа синагогата во Виена.
Според потврдените и официјални информации во нападите загинал еден од случајните минувачи, а убиен е и еден од терористите. Освен загинатите има и 15 повредени, од кои седуммина се тешко повредени.
Досега полицијата потврди дека се убиени две лица, иако се сомнева дека има уште жртви.
„За време на вечерашниот напад во Виена, еден минувач беше убиен, како и еден напаѓач, а има и неколку повредени“, изјави вечерва полицискиот портпарол Харалд Серес.
Серес рече дека полицијата успеала да убие еден осомничен за вооружениот напад во центарот на Виена, а во близина на него е пронајдена „долга цевка“.
Што се однесува до идентитетот на убиениот, тој рече дека истрагата е во тек и дека не може да каже ништо за тоа, ниту за позадината на нападот, кој започна околу 20 часот.
Здружението на виенски болници објави дека во болниците се донесени 15 повредени лица, од кои седуммина се тешко повредени, а Серес не сакаше да ја потврди оваа информација, но рече дека има многу повредени и тешко повредени, меѓу кои и еден полицаец.
Полициската акција сè уште трае и надлежните апелираат граѓаните да не ги напуштаат своите домови,а оние кои се наоѓаат во угостителски објекти да не излегуваат од таму.