„СДСМ бара итно повлекување на скандалозниот Закон за полиција предложен од Панче Тошковски и запирање на партиската окупација на МВР. Предлог Законот е опасен, антиевропски и длабоко корумпиран обид за формирање на партиска милиција под команда на Тошковски. По стапките на Никола Груевски, министерот Панче Тошковски го претвора МВР во параполициски апарат за заштита на криминал и партиски интереси на ВМРО-ДПМНЕ“ рече денеска на прес-конференција Миле Талески – пратеник од СДСМ.
Според него, „Тошковски ги урива критериумите за образование и искуство за највисоките оперативни позиции во полицијата. Целосно го елиминира кариерниот систем, напредувањето на професионалните луѓе со искуство, со знаење. Началник на СВР по рецептот на Тошковски може да стане секој што тој ќе го одбере. Без искуство, без знаење, но со партиска книшка. Тошковски ги укинува и регионалните гранични центри. Во време на сериозни геополитички предизвици и безбедносни ризици, ова е директен удар врз граничната контрола и отвора простор за сомнителни шеми, вклучително и мигранти“.
„Тошковски сака да овозможи бришење на полициски податоци. Без траги, без евиденција, без одговорност. Ова е опасен механизам за прикривање на криминал и заштита на структури блиски до власта. Ја подига старосната граница на 30 години за прием во полицијата што е е директна дискриминација на младите и отворање простор за вработување на партиски кадри. Најскандалозно е бришењето на одредбата што спречува вработување на осудени лица. Со тоа, полицијата станува прибежиште за лица со криминално минато, наместо институција што гарантира безбедност и владеење на правото. Ова е нова верзија на Груевизмот, партиска милиција за заштита на криминалот на Власта“ вели Талески.
Пратеникот вели дека „Панче Тошковски да решава кој ќе биде уапсен кој не, кој ќе се спаси од одговорност и ќе биде заштитен“.