Студентите од скопскиот универзитет попладнево маршираа против воведувањето на екстерното тестирање на факултетите. Околу 2.000 студенти тргнаа од платото пред УКИМ, преку булеварот кој минува под стоковната куќа „Мост“. Поминаа пред владината зграда каде извикуваа „Не за екстерно“ и маршот го финишираа пред Министерството за образование кое се наоѓа во зградата на поранешна НИП „Нова Македонија“.
Студентите на сите државни и приватни универзитети во земјава ќе треба да полагаат државен испит на крајот на втората и четвртата година од студиите. Ова го предвидува новата реформа на Владата и на Министерството за образование, чија цел е да се контролира квалитетот на работа на факултетите преку испитување на знаењето на студентите.
Откако студентите точно во 12 часот тргнаа од платото пред УКИМ, кратко застанаа пред Ректоратот кој се наоѓа во комплексот-факултети и таму неколку минути свиреа и уште еднаш упатија гласна порака до раководството на универзитетот дека не сакаат државен испит на крајот од втора и четврта година.
Младите извикуваа „ние сме студенти, не сме клиенти“, „доста беше молк“ и предупредија дека овој масовен протест е само почеток. Исто така бараа автономија на универзитетот и обеднување на сите студенти, а ним им се придружија и неколку професори од универзитетот.
Овој пат за студентите беше важно да покажат дека не се партиски организирани и меѓудругото извикуваа „само индекс имаме“.
(Видео од попладневниот марш)