Вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски преку видео обраќање зборуваше за направеното во една година од изборотот на владата. Тој вели дека прават коренити промени со кои Македонија се опоравува од 11 години режим, се ослободува заробената држава и се враќа правдата и довербата кон институциите.
-Промени со кои конечно, луѓето – граѓаните стануваат најважни во Македонија. Дојде крајот за криминалното богатење на поединци. Денес, со овие промени, ја поправаме децениската штета и траума која се вршеше врз граѓаните, врз нацијата и врз нашата Република Македонија. Денес работниците имаат повисока, загарантирана минимална плата. Покачена е и просечната плата, вели Спасовски.
Според вицепремиерот, за три месеци во Македонија влегле 235 милиони евра странски директни инвестиции.
-Денес посветено ги решаваме споровите, за Македонија да добие датум за почеток на преговори со Европската унија и покана за членство во НАТО. Македонија е едно општество, едно семејство во кое секој е еднаков пред законот. И секој кој работел и работи противзаконски ќе мора да се помири, дека мора да се качи на вагата на правдата. И конечно, заврши времето на поделби на ваши и наши. Нема место за омраза, рече Спасовски.
Тој додаде дека Македонија може да има само еден завет, а тоа е просперитетна иднина.
-Како демократска опција, поведовме и заедно со вас веќе ја поставуваме Република Македонија на патот на светлата иднината. Никој нема право, ниту е тоа веќе можно, да ја враќа Македонија во минатото. Секој чекор го правиме и ќе го правиме заедно, додаде министерот Спасовски.