Со усна опомена завршиле матурантите од Неготино, кои вчера понесени од матурската еуфорија, качени врз тракторска приколка, а еден од нив и врз кровот на тракторот, се возеа низ центарот на градот. Видео од настанот, на кое се гледа како ги запира полиција, по што тие еден по еден започнуваат да се симнуваат од тракторот и од приколката, објави Шило Магазин, и истото масовно започна да се споделува на социјалните мрежи, а предизвика и бројни реакции.
Да се слави, но да се мисли и на безбедноста, се најчестите коментари кои пошироката јавност ги остава под видеото, бидејќи ниту за една забава не вреди да се загрозува безбедноста.
-При најмало кочење децата можеа да завршат под тракторските гуми. Матуранти се, но мора да се однесуваат одговорно, коментираат неготинци.
Периодов во тек се матурските забави, и чести се апелите на надлежните институции да се прославува одговорно и со време да се мисли на можните последици.
Од СВР Велес за „Фокус“ велат дека по повод настанот во Неготино официјално не е поднесена пријава против матурантите, и очигледно ситуацијата се решила само со усна опомена.
Околу тоа дека матурските забави можат да излезат од контрола, денес информираат и регионалните медиуми. За време на забава на полуматуранти во Подгорица утрово беше предизвикан голем пожар. Се запали покривот на основно училиште, откако полуматурантите за време на прославата по повод завршувањето на образованието во училиштето, запалиле факели. За среќа нема повредени, а ќе се утврдува материјалната штета.
Вики Клинчарова