Лице со скршена нога попладнево со полициски хеликоптер било пренесено од Горно Водно, кај Милениумскиот крст до Клиничкиот центар во Скопје.
Повредениот се јавил на бројот за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Веднаш преку Секторот за операции и координација во ЦУК е покрената акција за спасување и транспорт на повреденото лице. ЦУК, од Спасителната екипа на Црвениот крст побарал интервенција, прво по можност со специјализирано возило за извлекување на повреденото лице.
Истовремено, ЦУК, паралелно и координирано остварувал комуникација со Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) на Град Скопје, со Итната медицинска помош, со МВР, а и со ЈП за жичницата.
Условите за остварување на спасувачката акција биле тешки, заради силниот ветар на планината, а и заради тоа што патот од Средно Водно до Милениумскиот крст бил непрооден и тежок за било кое возило, особено на осоите во сенка.
Биле контактирани и други субјекти од Системот за управување со кризи (СУК). Направен е и напор Итната медицинска помош да стигне и преку алтернативен пат преку Сопиште и Горно Соње, но медицинската екипа се доближила на 1,5 километри до Милениумскиот Крст и јавила дека патот не дозволува понатамошно движење.
Веќе ЦУК имал стапено во координација со Хеликоптерската единица на МВР за можен ангажман и тогаш ЦУК упатил барање за подигање на воздухоплов – хеликоптер, заради евакуација и транспорт на повреденото лице со скршеница на ногата.
Инаку, паралелно со координацијата со повеќето субјекти за акцијата, бил остварен и контакт од ЦУК со Јавното претпријатие за стопанисување со жичницата, за таа да биде вонредно вклучена, но добиле информација дека заради силниот ветер и автоматското сензорно контролирање не можело да се вклучи заради небезбедни услови за движење.
На крајот со хеликоптер лицето било пренесено и примено на Клиника.