Опозицискиот пратеник Петре Шилегов денеска упадна на прес-конференцијата на Андон Чибишиев, на која пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ го отвори прашањето од каде имал пари Шилегов да купи два стана.
Двајцата пратеници имаа вербална пресметка на улица за тоа дали становите на Шилегов биле стекнати законски и во рамки на неговите примања.
Чибишиев обвинуваше дека Шилегов во еден ден со својата сопруга купиле два стана во вредност од 160.000 евра, а опозицискиот пратеник пак убедуваше дека имотот го земал на кредит.
„Нема ништо незаконито и спорно во имотот на Петре Шилегов. Предметните станови се купени на кредит на 23 години. Направете разлика господине Чибишев помеѓу луѓе коишто чесно заработуваат и криминалците во вашите редови, на чело со Никола Груевски. Јас чесно заработувам а вие крадете од државните пари. Тоа е голема разлика.“ рече Шилегов.
Ова следуваше откако утрово Шилегов одржа прес-конференција за анкетните листови на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски според кои тој заштедил 120 000 евра во 2015 година.