(ВИДЕО) „Секој наш чекор во планината е мал знак дека не се заборавени“: 1000 планинари на маршот на Пониква во чест на Ивона и 63 ангели

by irena 17:36
17:36

Повеќе од 1.000 планинари од Македонија и од Србија чекореа на првиот Меморијален планинарски марш на Пониква под наслов „Ивона Антова и 63 ангели“ во чест на Ивона Антова, планинарка која трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани пред точно една година.
Нејзиниот татко и клубот Осогово од Кочани го организираа првиот марш на Пониква до врвот Панаѓур (1669 мнв) во чест на Ивона и останатите жртви од големата трагедија од која целиот град и македонското општество не можат да се опорават.

Ивона била дете кое припаѓало на врвовите и имало планина во срцето. На нејзина 12-годишна возраст го искачила својот прв врв – Царев Врв. Потоа следеле Руен, Мусала, Кораб, Титов Врв, Љуботен…

„Планината има една чудна мудрост, знае дека секој искачувач носи товар. Некој носи ранец, некој носи мисли, некој тишина во срцето. Затоа и денес ќе чекориме, секој чекор кој ќе го направиме е мал знак дека тие не се заборавени.

Секој здив на планинскиот воздух денес е потсетник колку е драгоцен животот. И кога ќе стигнеме горе на врвот, тишината нема да биде празна, туку ќе биде исполнета со нивната смеа што ја паметиме со нивната младост што никогаш нема да избледи и со нашата решителност дека нивниот спомен ќе остане жив.

Планината на пролет не учи на едноставна вистина, по секоја бура од снегот изникнуваат кокичиња, мали и ранливи. Од нашата болка и тага, од нашите солзи треба да изникнат кокичиња на надеж, на сеќавање и на ветување пред самите себе, дека никогаш нема да бидат заборавени и дека ова никогаш нема да дозволиме да ни се повтори. За Ивона и за 63-те ангели, нека им е вечна светлината“, рече во својот говор таткото на Ивона, Тошо Антов.

Маршот ќе се реализира на туристичкиот локалитет Пониква каде што треба да започне изградбата на Меморијалниот споменик „Ангели“.

Видео: Орце Костов

Слични вести