Новогодишните празници уште од вчера го преполнија Охрид, а низ градот владее празнична атмосфера. Има голем број на посетители, од сите градови од земјава, но и од Србија и Бугарија.
Преполни се кафулињата и рестораните, старата чаршија и шеталиштето. Сместувачките капацитети исто така се полни, а цената од кревет во приватните вили се движи од 700 денари, па нагоре, додека пак во хотелите цените од едно ноќевање по лице се движат од околу 2.000 денари, па нагоре. Вечерва на градскиот плоштад следи музичка програма, и свои настапи ќе одржат Петар Нечоски, Татијана Стефановска, Евто Пупиновски, Миле Кузмановски, Ѓоко Танески и диџеите Багзи и Јана Слеј.
Утре исто така ќе има забавна програма, која ќе започне во 12 часот со настап на Марија Савеска и Камелеон. Потоа следи настапот на Лидија Кочовска, Влатко Груески и Андреј Наунов, а проектот е наречен ,,И повторно евергрин”. Буџетот за два дена забава, во кој било вклучено озвучување, осветлување, бина, како и хонорари на изведувачите, изнесувал помалку од 15.000 евра.
Вики Клинчарова