Дел од нив за жал, белезите ќе ги носат на себе и во себе за целиот живот. Не е мал бројот на млади луѓе кои се и ќе бидат принудени светлото на денот и контактот со други да им биде со целосно покриено лице и тело.
Други пак, во целата несреќна трагедија имале среќа – после извесен период на лечење и рехабилитација, да се вратат, што се вели, „во нормала“. Елеонора Китанова е една од нив. За „Фокус“ – кусо ја раскажа својата сторија.
„Јас имав изгореници на левата рака и на дел од лицето. Бев на лекување во Загреб, Хрватска 15-тина дена. Благодарна сум на државата затоа што брзо го организираше транспортот за лекување во странство. И, брат ми беше во дискотеката таа ноќ, а потоа го транспортираа на лекување во Будимпешта – Унгарија“, вели таа.
Китанова била меѓу последните што била извадена и го напуштила објектот на „Пулс“. И, само чудо ја спасило да настрада со потешки последици. „Излегов меѓу последните, за мене мислеа дека сум почината, бев поклопена од други. Не сакам да се навраќам на таа вечер, се трудам да продолжам напред без да размислувам на сето тоа. Имав психолошка помош исто така, што ја органзираше Црвениот крст. Ја посетувам и сега кога ќе почувствувам потреба“, нагласува повредената.
Вели и дека писхолошките совети и помогнале да се промени и да стане посилна личност во однос на тоа што и се случило и како таа лично ја преживеала кобната вечер. „Сега сум целосно поинаква личност. Дури и сама не можам да се препознаам . Имам многу психички промени на подобро“.
Подготвија:
Орце Костов и Зоран Фиданоски