Ана Виткова именувана за член на Регулаторната комисија за енергетика

by irena 15:09
15:09

Собранието на денешната 130. седница ги донесе законот за изменување и дополнување на Законот за градење и законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

Собранието ја именува Ана Виткова да биде член на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад. На досегашниот член Лирим Сулејмани му престанува функцијата член на Регулаторната комисија.

Без расправа пратениците ги донесоа и одлуките за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието, за изменување на Одлуката за избор на шеф, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС СЕ), како и за избор на шеф, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието во Парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива (ПД ЦЕИ). Беше донесена и одлуката за основање на пратенички групи на Собранието за соработка со парламенти на други држави и избор на претседатели и членови на пратеничките групи на Собранието за соработка со парламенти на други држави.

Собранието ги усвои и резолуцијата за миграциската политика на Република Северна Македонија 2026-2030 година, со Акциски план и автентичното толкување на член 23 ставови (1) и (2) од Законот за урбанистичко планирање.

Со мнозинство гласови „за“ беше донесена и одлуката за избор на членови на Советот за граѓански надзор. Во дискусијата пратеникот Миле Талевски од СДСМ забележа дека ВМРО – ДПМНЕ сака да го партизира Советот за граѓански надзор, со свои членови за паушали од 90.000 денари и оти предложените кадри не се соодветни за тоа место. Според него, Советот за граѓански надзор е создаден како директен одговор на една од најголемите политички кризи во поновата историја, масовното незаконско прислушување откриено од 2015 година.

– Нема да дозволиме да бидеме соучесници со оваа работа, затоа што контролата на безбедносните служби, контролата на сè она кое што како последица ни се случувало од 2015 година не треба да биде доведено до лица коишто работеле како раководители во државни центри за ментално здравје, немаат никаков абер што значи тоа што им го давате како обврска од утре да го работат, рече Талевски.

Собранието го усвои заклучокот дека барањето за давање на автентичното толкување на членот 17 од Законот за пожарникарство, а во врка со членот 2 став (2) од Законот за безбедност и здравје при работа, поднесено од пратеникот Славјанка Петровска, не е оправдано и нема потреба од автентично толкување.

Претседателот на Собранието Африм Гаши информира дека вополнително ќе извести за терминот кога ќе бидат разгледани предлозите на Финансиски план на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија за 2027 година и на одлука за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход, за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија за 2027 година, како и предлог на закон за изменување на Законот за рибарство и аквакултура, по скратена постапка.

Слични вести