ВИДЕО Пендаровски: Здравствената заштита ни е на рангот на најзагрозените африкански држави

by fokus

Стево Пендаровски, носител на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во ИЕ 1, денеска рече дека состојбата со здравствениот систем е алармантна и што е најстрашно – состојбите од ден во ден се влошуваат.

„Институциите се партизирани, сметките на здравствените установи во најголем дел се блокирани или тонат во долгови и практично тие не си ја вршат својата основна задача да ги лекуваат луѓето и да им пружаат навремена здравствена заштита. Според индексот на здравствена заштита кој се води на ниво на Европа, за жал, Република Македонија е на буквално последното место. Граѓаните добиваат најмала, ако добиваат воопшто здравствена заштита, и ние со тие услуги сме на рангот на најзагрозените африкански држави. Ова мора да престане и новата Влада предводена од СДСМ по 11 декември ќе преземе сет мерки со кои прво ќе ги санира состојбите во оваа област и ќе ги постави основите за здравствен развој во идниот период и здравствен систем кој ќе одговори на потребите на сите граѓани“, вели  Пендаровски.

Тој вети дека во првите шест месеци на новата Влада, просечната плата на здравствените работници ќе биде покачена за 15 проценти во однос на ова што е сега, а до крајот на мандатот на новата Влада предводена од СДСМ, платите ќе бидат двојно поголеми од сегашниот износ.

„На чело на здравствените установи ќе бидат поставени професионалци, луѓе со интегритет, кои нема да примаат нарачки од партиски штабови, туку ќе работат согласно принципите на струката. Комисијата за третман на болните деца во странство ќе биде комплетно реорганизирана, и ќе биде поставена на сосема други основи. Ќе биде брза и мобилна и сигурно нема да прима инструкции од партиските штабови кое дете треба да биде однесено во странство и на кое дете треба да му биде платена операцијата. Во однос на комплетно новиот здравствен систем кој го предлагаме, основната вредност од која се води коалицијата предводена од СДСМ е граѓанинот, односно луѓето кои живеат во Република Македонија да добијат најбрза и најдобра здравствена заштита. За нас секој човек е важен, а за секој човек е најважно здравјето“, додаде Пендаровски.

Поврзани новости