(Видео) Пендаровски повика да не се одлага помошта за Украина: „Целосна поддршка за Украина слободно да го избере патот по кој ќе чекори во иднина“

by Fokus

Војната во Украина е најголемата закана за мирот и за европската безбедност, чијшто исход ќе влијае врз поредокот, не само на нашиот континент, туку и во меѓународните односи во годините што доаѓаат. Војна којашто ќе покаже дали годините на демократски развој во Европа, по крајот на Студената војна, се залудно потрошени за реализација на една апстрактна идеја или, пак, демократијата сè уште е жилава и доволно силна да покаже отпорност кон ретроградните и авторитарни режими и предизвиците коишто тие ги создаваат, рече претседателот Пендаровски на конференцијата „Украина – две години хероизам“ организирана од Амбасадата на Украина во Македонија.

Оваа војна, според Пендаровски, ќе покаже дали примената на сила ќе стане основниот принцип кој треба да ја одредува природата на односите меѓу државите и во ова столетие или ќе остане на сила она што е запишано во Повелбата на Обединетите нации дека земјите членки се рамноправни меѓу себе, независно дали се мали или големи.

„Евентуалниот триумф на овој ретрограден принцип, излезен од архивите на минатите векови, би бил рецепт за трајна нестабилност на светот и враќање во едно не толку далечно минато кога геополитичките игри и интереси на големите беа далеку посилни од слободната волја на народите. Поради ова, влогот на сиот демократски свет е огромен, а консеквенците од одбранбената војна која Украина денес ја води ги надминува нејзините граници.

Во овој контекст, ние уште од првиот ден на агресијата се солидаризиравме и сочувствувавме со страдањата на милионите Украинци. Бевме меѓу првите земји, којашто понуди воена, техничка и хуманитарна помош, земја којашто гласно се спротивстави на погазувањето на независноста, територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина.

Ќе покажеме целосна поддршка за Украина слободно да го избере патот по кој ќе чекори во иднина. Ако тој пат вклучува волја и подготвеност за интегрирање на земјата и во Европската Унија и во НАТО, тогаш ние мораме да дадеме поддршка на украинскиот избор.

Нашата позиција не е променета и две години од почетокот на агресијата. Заедно со сојузниците во НАТО Алијансата постојано вложуваме напори, помошта за Украина, којашто ѝ е повеќе од потребна, да не се одлага поради внатрешнополитичката динамика во државите сојузнички. Успесите на Украина денес не зависат само од волјата и од потенцијалите на украинската армија, туку и од финансиската, логистичката и, пред сè, воената помош која таа мора да ја добива. Секоја поинаква калкулација во овој контекст, ќе доведе до уште поголеми страдања, разрушувања во Украина и неизвесност за сите нас“ рече Пендаровски.

Ваквиот исход, како што рече, би бил спротивен на волјата на украинскиот народ и ќе значи легитимирање на агресијата и на сите злосторства извршени изминатите години. Најдобар доказ дека станува збор за сосема погрешна анализа, според македонскиот претседатл е анексијата на Крим којашто се случи пред десет години и којашто поради отсуството на реакција на демократскиот свет, не го спречи натамошниот конфликт, туку само ја охрабри Москва, истото агресивно сценарио да го спроведе и на истокот на Украина неколку години подоцна.

Поврзани новости