ТВ 21 објави видео од приведувањето на осомничениот за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села при насилствата во Собранието. Приведен е и неговиот татко кој се сомничи за истото дело.
Основното јавно обвинителство – Скопје претходно извести дека до овој момент, идентификувани се две лица инволвирани во нападот на пратеникот З.С. за време на настаните во Собранието на Република Македонија на 27.04.2017г.
Од досега прибавените докази, Основното јавно обвинителство – Скопје оцени дека постои основано сомнение дека овие две лица, заедно со други лица, кои во овој момент се неидентификувани, го извршиле кривичното дело Убиство од чл.123 ст.1 во врска со чл. 22 и во врска со чл.19 од Кривичниот законик.
Надлежниот јавен обвинител донел Наредба за спроведување на истражна постапка против двете лица за наведеното кривично дело. Истовремено, по оценка на Јавното обвинителство, против осомничените неопходно е да биде изречена мерка за нивно обезбедување, поради што јавниот обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за одредување на мерка притвор, бидејќи постојат сите законски основи за тоа, соопштија од Обвинителството.