Швајцарската амбасадорка се надева на реетаблирање на институциите како следен чекор во стабилизацијата

by fokus

Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска оствари официјална средба со амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Тејада, која честитајќи му го изборот на функцијата претседател на Собранието, му посака успешен мандат, соопштуваат од прес службата на Собранието.

Амбасадорката изрази надеж дека по политичката криза наскоро, на демократски начин, ќе се реетаблираат државните институции, како следна фаза во стабилизирањето на земјата.

Амбасадорката ја подвлече натамошната подготвеност на Швајцарија активно да продолжи со проектите во Македонија, особено со Собранието, каде во Парламентарниот институт има директна финансиска и стручна улога во неговите активности. Исто така, информираше за новиот проект кој ќе има за цел да го опфати целото Собрание, за што дополнително ќе се разработат фазите, носителите и севкупните активности за неговата реализација.

Двајцата соговорници разменија согледувања и очекувања и за немилите случувања од 27 април во највисокиот дом на граѓаните, за актуелната политичка состојба во Македонија, за следните чекори поврзани со формирањето на нова влада како израз на парламентарното мнозинство, потоа за актуелната правна ситуација поврзана со распишување на локални избори (и во контекст на веќе започнатите проекти на општините со швајцарската Влада), како и за улогата на претседателот и на целото Собрание во оваа постапка согласно Уставот и законските одредби.

Поврзани новости