(Видео) Нетанјаху ги покани лидерите на опозицијата на безбедносен брифинг

by Fokus

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги покани шефовите на сите опозициски партии на безбедносен брифинг во Тел Авив.

Овој необичен потег на Нетанјаху ќе ги засили шпекулациите за тоа каква дискусија се води внатре во воениот кабинет на Израел, кој имаше задача да одлучи за следните чекори, по нападот од Иран минатиот викенд, јавува Би-Би-Си.

Иран во саботата вечерта лансираше низа беспилотни летала и проектили кон Израел, како одмазда за израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск, во кој загинаа седум офицери на Револуционерната гарда. Иранскиот напад врз Израел со над 300 беспилотни летала, крстаречки и балистички ракети заврши без сериозни последици откако огромното мнозинство од нив беа пресретнати и соборени.

Израелските медиуми известуваат за жестока дебата и поделеност со некои од поранешните армиски началници, вклучително и Бени Ганц и Гади Ајзенкот, кои се залагаат за брз и силен одговор што испраќа јасен сигнал и цврсто воспоставува израелско одвраќање. Други тврдат дека ова е момент кога Израел ужива силна поддршка од меѓународната заедница и дека е потребно време оваа коалиција да се зацврсти.

Израелскиот воен кабинет претходно, како што пренесува „Гардијан“, заклучил на состанокот на кој се разговарало за одговорот на Израел на иранскиот напад. Канал 12 објави дека се разговарало за повеќе опции, од кои секоја е „болна“ одмазда против Иран – но не и онаа што предизвикува регионална војна.

Воениот кабинет, исто така, има за цел да избере одговор што САД нема да го блокираат, се вели во извештајот.

Портпаролот на израелската влада претходно за Би-Би-Си изјави дека Израел продолжува со дискусиите за следните чекори и се уште не одлучил каков курс ќе преземе. Ави Химан рече дека Израел во моментов ја следи ситуацијата и одржува состанок на воениот кабинет.

– Ние, како и секоја суверена демократија, ќе одлучиме за најдобриот начин на дејствување. Начинот на дејствување не е решен, но ќе ве потсетам дека ние бевме тие кои налетавме во засолништата за бомби во саботата вечерта, нашите деца беа тие што ги гушкавме додека проектилите експлодираа над нашите глави – рече тој.

Поврзани новости