(Видео) Неготино нема вода, но во капка дожд се ,,дави”!

by fokus

Очевидци на хаваријата која вчера во центарот на Неготино ја предизвика краткотрајниот пороен дожд до редакцијата на ,,Фокус” доставија видео снимки на кои се гледа што оставил дождот зад себе и како граѓаните се справуваат по секое невреме.

Снимките се направени во строгиот центар на градот, наспроти раскрсницата, веднаш до местото познато како Тунелче. Граѓаните апелираат проблемот да се реши трајно, бидејќи и при малку дожд местото се преполнувало со вода.

-Проблемот е до шахтата. И при најмал дожд водата започнува да ,,извира” од неа. Тоа што се случи вчера може да се види на снимките. Дојдоа од противпожарната станица, петнаесет минути пумпа за вода не можеа да најдат, со расипани пумпи дојдоа. Апелираме за трајно решение на овој проблем – велат лица кои имале трговски објект на критичната локација и биле чести сведоци на вакви ситуации.

Кртакотрајниот пороен дожд кој започна вчера околу 15 часот и траше околу еден час го парализираше центарот на градот. Со години наназад, при секое невреме центарот се полни со вода и се излева Неготинска река. Најчест епилог се автомобили заглавени во водата, но и паркираните автомобили на станарите во зградите на улицата ,,Маршал Тито” се полнат со вода.

Од надлежните служби, и покрај тоа што среде градот буквално ,,никна” езеро, немаше лица задолжени да ги пренасочуваат автомобилите, па дел од нив завршија право во надојдената вода. Еден автомобил остана заглавен таму цел час, додека да престане дождот и да се повлече водата. Исто така, немаше службени лица ниту покрај отворените шахти на кои по започнувањето на дождот им беа отстранети капаците и не се гледаа од надојдената вода, па само по игра на случајноста не пропадна некое од возилата или од граѓаните кои минуваа низ водата.

Денес, на тротоарите во центарот, на почетокот на кејот, каде се случи поплавата се уште стои калта. Нема ниту служби на терен кои евентуално би го исчистиле коритото на почетокот на кејот, каде се собира водата поради дебелиот слој на земја, што е уште една од причините водата да се излева од коритото и при најмало невреме проследено со дожд.

Вики Клинчарова

Поврзани новости