Најмалку четворица луѓе го загубија животот во пожарот што синоќа зафати 14-катница во Валенсија.
Според итната помош, 14 луѓе се повредени, а 19 се водат како исчезнати. Меѓу повредените има шест пожарникари и едно мало дете.
Пожарот зафатил 14-катница во населбата Кампанар и се проширил на соседната зграда, објави Ел Паис. За ширење на пожарот придонесе силниот ветер, а постојат сомнежи дека пожарот брзо се проширил поради лесно запалливата обвивка на објектот.
Во гаснењето на пожарот се вклучени повеќе од 20 противпожарни единици. Зградата има 138 станови и во неа живееле 450 станари, пишува шпанскиот весник, повикувајќи се на менаџерот на зградата.
Локалните медиуми објавија дека пожарникарите спасиле неколку жители користејќи кранови.
BREAKING: Entire multi-storey building on fire in Valencia, Spain pic.twitter.com/sTXMm6KY4p
— Insider Paper (@TheInsiderPaper) February 22, 2024
Заменик-претседателката на Факултетот за индустриски технички инженери во Валенсија, Естер Пучадес, за шпанската новинска агенција Ефе изјавила дека зградата која се запалила била покриена со полиуретански материјал кој повеќе не се користи, бидејќи, како што наведе, лесно е запаллив.
Еден од жителите изјави за ТВ каналот Ла Секста дека пожарот брзо се проширил, за околу 10 минути, откако избувнал, наводно на четвртиот кат.
Во близина на зградата е формирана теренска болница. Надлежните најавија дека раселените од зградата ќе бидат сместени во хотели.