ВИДЕО: МВР уапси седум помагачи на терористите од Дива населба

by Фокус

Во акцијата „Молња“, која МВР ја спроведе утрово, уапсени се седум лица, кои сега се сомничат за извршување на кривични дела „терористичка организација“ и „тероризам со помагање“. Приведените се на возраст од 20 до 74 години. Три од нив се од кумановското село Отља, две од скопско Брест и по едно од Арачиново и Матејче. За нив веќе е побарано да се одреди мерка притвор.

Според МВР, целта на оваа акција била  да ја открие целокупната мрежа на соработници и помагачи на криминално-терористичката група од кумановската Дива населба, која на 9. и 10 мај годинава се судри со полицијата.

-Осомничените главно имале улога на логистичари, односно при двата кривично-правни настани и помагале на групата во извршувањето и прикривањето. Освен помагањето на криминално-терористичката група од Дива населба, еден од осомничените имал обиди во текот на полициската акција да мобилизира помлади лица и со таа група да изврши напади во Скопје, да ја дефокусира полицијата и да ја намали нејзината сила во напорите за совладување на вооружената група во Куманово, соопшти денеска МВР.

При спроведувањето на акцијата и при апсењето на осомничените немало никакви инциденти, а поголемиот дел од осомничените веќе и се познати на полицијата и против нив во повеќе наврати се поднесувани разни кривични пријави за кои им се изрекувани и затворски казни.

Во акцијата против криминално-терористичката група во Дива населба, која беше спроведена во мај годинава, осум полицајци беа убиени, а триесетина беа повредени. Беа убиени и десет члена на терористичката група, а триесет се предадоа и за нив во тек е судска постапка.

 

Поврзани новости