Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во Брисел имал исклучително квалитетни средби со новата комесарка за проширување Марта Кос, со новиот претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, како и со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија (ГД НЕАР), Герт Јан Копман. Мицкоски заедно со лидерите од земјитена Западен Балкан присуствуваше на работна вечера која што ја организираше новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта. На средбата, Мицкоски рече дека ги претставил македонските позиции во однос на одложеното дејство за влез во Европската Унија.
„За време на вечерата се придружи и Каја Калас, која е висока претставничка на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика. Разговаравме за сите теми што се од суштинско значење. Повторно поминуваме низ аргументите, дебатираме, даваме нови аргументи. Сепак, треба да имате претстава дека тоа е комплетно нов состав, вчера им беше вториот работен ден. Информациите што сега ги примаат се практично нови информации за нив“, рече Мицксоки.
Тој додаде дека очекува во следниот период да се развијат и обликуваат определени можни решенија.
„На 17-ти повторно има редовен Самит, Европска Унија-Западен Балкан. Ќе бидам повторно во Брисел. Очекувам да имам неколку билатерални средби. Следниот ден имаме работен појадок во рамките на Европската народна партија. И тука очекувам поддршка и реафирмирање на нашиот став во матичното семејство“, посочи Мицкоски.
Тој вели дека иако имаме жестоки и цврсти аргументи, сепак не верува во инстант-решенија.
„Правиме сè што можеме веќе шести месец по ред, со сите можни личности што можат да играат улога во надминувањето на овој наметнат спор што не ни дозволува да напредуваме кон полноправно членство во Европската Унија, поради егзибиционистичка надворешна политика на претходната Влада, односно политика во која се гледа само до носот, а подалеку од носот никој не гледал. Така, сега мораме и тоа да го решаваме и ќе го решаваме, ќе се бориме нема откажување“, вели Мицкоски.
Тој порача дека нема со ниту еден чекор да ги засрамат македонските граѓани ниту, пак, да нанесат каква било лузна на македонскиот идентитет.