Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во центарот на Скопје ја обвини власта дека го омаловажиле македонскиот народ со тоа што направиле Македонците да се граѓани од втор ред.
„Но не само Македонците, туку и сите останати граѓани. Владее хаос, дрогата царува, криминалот цвета, а правда нема никаде. Да не ги познававме ќе мислевме дека тоа и им е целта, да сме последна дупка… сакаа да не нема, што се не правеа, што се не смислуваа. Какви се сценарија правеа. Сакаа да не нема, мислеа дека сме поединци, не разбирајќи дека нивниот противник не е личност, туку тоа е идеја која живее во секој од нас“ рече Мицкоски.
Додаде дека Стево Пендаровски го поминал целиот мандат како аналитичар без свое јас, а не како претседател и личност со интегритет.
„Главната порака беше дека Стево не крадел. Замислете каков напредок е тоа и каков врвен успех е тоа што сам си се прогласи дека не крадел. Па, се подразбира дека не треба да се прави и не знам дали човеков очекува Нобелова награда за тоа, но самото потенцирање на тој факт во услови кога корупцијата галопира, само значи дека Стево индиректно ни порача дека владата краде, ама не и тој. И во таквиот занес во салата и продавање на магла сите аплаудираат на овој огромен успех, само Миле Зечевиќ не. Си знае тој, сфати колку е часот и што е пораката – рече Мицкоски.
Му порача на Пендаровски дека на овие избори ќе загуби катастрофално.
„Толку силно што во вториот круг нема да му се оди на избори. Во неговото опкружување најмногу се плашеле од тоа како ќе го смират после првиот круг и како ќе го натераат да ја приврши кампањата до крај. Па од тука сакам јавно да ги прашам Ковачевски и Пендаровски, дали ако разликата меѓу Пендаровски и професорката Силјановска биде во 6 цифри, Ковачевски, Ахмети и Пендаровски ќе го бојкотираат вториот круг по поразот од првиот – рече Мицкоски.
„Доаѓа голема победа, голема како планина. Македонија да ја направиме повторно горда. Власта мора да ја заслужиме, премногу време е изгубено, порача Мицкоски.
Го повика народот да им се придружи за да направат промени со кои народот повторно ќе си ја врати државата во своите раце. Вети дека ќе ги зголемат пензиите за 5000 денари.
„Ќе испишеме нова историја со која сите ќе се гордееме“ порача Мицкоски.
Ѝ порача на албанската опозицисја дека сакаат да коалицираат со нив, ги повика да работат заедно за подобра иднина на сите. Повика на соживот и заедништво. Секоја грешка ќе биде остро санкционирана, рече дека нема ништо да простува, туку ќе казнува.