(Видео) Митева: Ковачевски и Бисера Стојчевска да кажат кој е изведувач, какви материјали се вградени во Универзална сала

by Fokus

Поради неодговорноста на Димитар Ковачевски и Бисера Костадиновска Стојчевска кон Универзална сала, денес таа беше опфатена со огромен пожар. Симболот на постземјотресно Скопје 7 години е оставен на забот на времето, претворен во градежна руина, обвини портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

„Подолг период наназад прашуваме кога е распишана набавката за реконструкција на Универзална сала, зошто на сајтот на Бирото за јавни набавки таква набавка од страна на министерството нема. Прашавме кој е избран за изведувач и на кој начин? Кој е надзор и, исто така, како е избран надзорот, но одговори не добиваме. Но затоа, веќе, вчера дознавме дека градежните фирми во Македонија реагираат на условите кои Министерството за култура ги бара од изведувачот, а салата сепак се гради.

Па оттука прашуваме како Ковачевски и Бисера Костадиновска градат, а изведувач нема? Штетата која СДС ја направи по Универзална сала е непроценлива. Ковачевски и Стојчевска по промената на власта ќе одговараат за нивниот однос кон симболот на Скопје“ рече Митева.

Таа додаде дека во Универзална сала, подолг период власта презема градежни активности, и затоа, според неа, тие мора да одговорат какви материјали вградиле во изминатиов период и кој бил изведувач?

„Дали се вградени огноотпорни материјали или како примерот со Тетовската модуларна болница е вградувано што им се видело поевтино? Затоа што Универзална сала 50 години стои како симбол на Скопје и во моментот кога оваа криминална власт ја доведува до руина и вградува материјали со цел реновирање истата, таа гори.

Ковачевски и Стојчевска мора да одговорат на сите овие прашања, но и дали Универзална сала има осигурување?“ праша Митева.

Според портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ треба да им се извинат на скопјани, бидејќи како што рече, не само што не успеале да ја сочуваат постојната форма на Универзална сала, туку и со нивниот однос кон неа дозволиле таа да изгори.

Поврзани новости