„По назначувањето, директорката на јавната општинска установа, детска градинка „Естреја Овадија Мара“ во Битола – Лидија Тфирст Митревска тргнува во контраофанзива против сите вработени за кои мисли дека се против неа и против нејзината партија Социјалдемократскиот сојуз, злоупотребувајќи ја својата партиска моќ и блискост со министерката Тренчевска, лечејќи ги своите лични и партиски фрустрации, секојдневно врши мобинг и реваншизам врз вработените. Вработените се обидуваат да се заштитат преку синдикалната организација, но и самиот Синдикат е подложен на притисоци и закани“.
Ова на денешната прес-конференција го изјави Лидија Малинковска, член на централна Комисија за труд и социјална политика на ВМРО-ДПМНЕ.
Малиновска рече дека „како круна на своеволното и незаконито однесување таа спротивно на Хасап стандардите, ги присилува дел од вработените кои работат во кујна, во ист ден да извршуваат работни задачи во кујна и да чистат тоалети со истата облека, со што директно се загрозува здравјето на децата“.
„Своеволното однесување на директорката и незаконското работење продолжува и понатаму и вршењето притисоци и мобинг резултираат со малтретирање на вработените кои се вознемирени, им се загрозува здравјето и се приморани да го напуштат работното место и да побараат лекарска помош. При обидот да се побара заштита од синдикалната организација директорката продолжува со уцени и закани, демонстрирајќи сила и моќ над вработените, со поддршка на министерката Тренчевска на која постојано се повикува“ рече таа.