Пескара – седиште на истоимената провинција во срцето на Италија. Преку ден на улиците – сообраќаен метеж, ноќе – подредени канти за отпад, во различни бои, спремни за подигање од комуналната служба. Во зелената канта е отпадот за кој граѓаните сметале дека не може да се рециклира и тој завршува во место добро познато и во нашата држава, се вели во истражувачката сторија на 360 Степени.
Ова е фирмата „Деко“ која до скоро извезуваше РДФ-отпад и за потребите на Цементарница „Усје“ во Скопје. Резултатите од мострите земени на граница и испратени на проверка во Естонија покажале дека не се работи за опасен отпад. Испраќачите оттука велат дека гарантираат за секоја пратка. Еве зошто.
Камионите со комунален отпад поминуваат на проверка за радиоактивност уште не влез во фирмата. Откако ќе добијат зелено светло, отпадот се депонира во огромна јама и почнува процесот на автоматска преработка. 370 000 тони комунален отпад од регионот годишно завршуваат во „Деко“. Ѓубрето се растресува, се дроби и уште еднаш се проверува содржината. Дел оди на компостирање, дел завршува на депонија, а она што може да се спаси и да стане алтернативно гориво или РДФ поминува преку комплексен биолошки третман.
Кранот автоматски препознава за каков вид отпад се работи и го дели во секции.
Просторијата е изолирана и под висока температура.
„Оди од 55 до 75 Целзиусови степени. Ја создаваат бактериите. Бактериите загреваат сè што е органско во отпадот. 55 проценти ќе станат РДФ“, вели Фабрицио Депиро, генерален директор на „Деко“.
Надзорот е 24-часовен. Воздухот неопходен за притисок при третманот на отпадот се добива преку биолошки филтри. Фабриката е непосредно до куќи, но поради изолираните простории ништо не излегува надвор и не се чувствува никаков мирис. Сепак, ова не е доволно за контролите да се намалат.
„Нè контролираат многу темелно и, јас би рекол, секој ден, тоа е државната власт со подрачни канцеларии. Исто така, надлежните органи од регионот секојдневно ја контролираат целата дозвола, а имаме и полиција за животна средина“, додава Депиро.
На крајот од фабриката завршува и синџирот на преработка. Отпадот веќе е претворен во алтернативно гориво.
-Ова е последниот дел од процесот. РДФ е исечен на малечки парчиња. Гледате, ова е чиста пластика, некоја хартија и текстил внатре, без никакви органски остатоци. Не мириса, не е опасен, ова е материјалот“, објаснува Депиро.
Финалниот производ е во форма на бала и е цврсто обвиткан. Годишно „Деко“ произведува до 100 000 тони РДФ, а финансирањето на целиот процес го обезбедува од таксата што им се наплаќа на оние од кои го собира отпадот – домаќинствата и правните субјекти. Половина од производството е за италијански цементарници и други индустриски капацитети, а половина за извоз. „Деко“ засега бесплатно го праќа РДФ-отпадот до корисниците во Грција, Кипар, Тунис, скандинавските земји, а делумно наплаќа само од Северна Африка оти е најдалеку за транспорт. Логиката зад „бесплатното“ гориво е едноставна – ЕУ стимулира што поголем процент од отпадот на контролиран начин да најде своја примена, наместо да заврши на депонија. Така, „Деко“ добил дозвола, а потоа и пари за да собере што повеќе отпад, за што помалку од него да фрли на депонија. А цементарниците имаат интерес да го користат РДФ-горивото бидејќи им го намалува трошокот на производство.
И пратките за Цементарницата „Усје“ се бесплатни до пристаништето во Солун, од каде што со камиони се пренесуваат во Македонија, трошок што го покрива скопската цементарница. За секоја пратка, па и за последната наменета за нашата земја, „Деко“ однапред ги известува италијанските власти, транзит-земјата – Грција и нашето Министерство за животна средина. За пратката да тргне, треба да добие „амин“ од сите три земји.
– Сега не можете да извезувате РДФ во Македонија, согласно нашиот закон. Што мислите за ова?
– Мислам дека ова не требаше да се случи, Северна Македонија ќе биде дел од ЕУ и треба да ги следи сите европски правила. Сите земји во ЕУ дозволуваат легално и контролирано движење на РДФ – вели Депиро.
Италија ги рангира фирмите и според степенот на почитување на законите при работењето – колку пати биле опоменати или казнети. „Деко“ има највисока оценка – три ѕвездички, што за нив е признание дека работат според стандарди.
„Најверојатно има нелегални движења на отпад, но она што ние го правиме е поразлично. Не знам што е мафија, тоа нема врска со нас. Ние сме, исто така, регистрирани во регистарот REACH. Тоа е специфичен регистар, усогласен со европското законодавство, каде материјалот подлежи на специфична контрола во однос на потенцијални опасни активности. Ја поминавме оваа спецификација и сме дел од регистарот на производи“, вели Депиро.
Засега никој не ја знае судбината на 650 тони РДФ-гориво од „Деко“ за Цементарницата „Усје“ задржани на македонската граница, за кои испитувањата во Естонија покажаа дека се исправни, а се увезени по стариот закон. Уште 350 тони чекаат на солунското пристаниште, но во меѓувреме, под притисок на јавноста, Собранието го забрани увозот на алтернативни горива како извор на енергија, па прашање е дали ќе влезат во земјава.
Неколку часа пред да се менува Законот во Собрание, се одржа протест пред „Усје“.
– Ние сме компанија која го помина целиот пат и потроши повеќе 70 милиони евра за да успее да ја добие таа А-интегрирана дозвола… не не оставате да кажеме господине, не нè оставате да кажеме.
-Дали мерите олово цинк?
Кај да го мериме господине, во цементот нема олово и цинк.
-А гуми?
Нема гуми изгорени.
-Ајде, исечете една бала со циркулар на пола да видиме.
Дојди слободно, нема проблем, не се плашете, кога сакате дојдете. Одберете која било акредитирана лабораторија во свет. Донесете тука на сите наши испусни места вие ќе поставите мерни инструменти и тогаш ќе зборуваме – се објаснуваа генералниот директор на Цементарница „Усје“, Борис Хрисафов, и насобраните демонстранти.
„Усје“ со почетнички чекори се обиде да го вметне РДФ-отпадот како гориво, со само 4 проценти од вкупните енергенси на годишно ниво. Во Македонија не се произведува РДФ или друго алтернативно гориво, па единствена опција за „Усје“ е да ги користи ограничените количини на оризови лушпи од Кочанско – гориво чии димензии одговараат на блокот за користење алтернативни горива во „Усје“. Најголемиот дел од процесот останува на јаглен и петрол кокс.
„Секогаш оди смеса од конвенционално гориво и алтернативно гориво. Кога велам конвенционално гориво, тоа е цврсто гориво, петрол кокс, јаглен, секогаш е смеса. Понудата важеше за сите и претходно. Нашата цел, кога ја инсталиравме опремата не беше да увезуваме алтернативно гориво, главната цел е да бидеме дел од решението за отпадот кој се генерира во Македонија, а додека не се обезбеди РДФ во Република Македонија ова беше можност да се проба и да се користи веќе подготвено гориво“, вели Наташа Бакреска, менаџер за животна средина и алтернативни горива во Цементарница „Усје“.
И покрај тоа што најголем дел од производството на цемент се одвива со употреба на јаглен и петрол кокс како горива, од „Усје“ тврдат дека загадувањето го одржуваат во рамките на дозволеното.
„Системот дава минутна вредност, дава последна получасовна вредност и дава тренд. Колегите, кога ќе видат тренд на растење, преземаат мерки и, за среќа, од многу одамна, јас девет години работам во ‘Усје’, не се случило да има надминување на дневна вредност“, тврди Бакреска.
Нивото на загадување го контролираат сами. И пратките од РДФ-отпад сами ги праќале на проверки во лаборатории во Холандија. Така им пишува во А-интегрираната дозвола што им ја издала државава. Велат дека не смеат да експериментираат со горивата бидејќи постои опасност од застој во системот. Каде е државната контрола?
Инспекторатот за животна средина е постојано на тапет и постојано првото оправдување е дека кубури со кадар. Државата досега никогаш не се посомневала во пратка со РДФ-отпад и не земала мостри за испитување, освен последниот пат и тоа под притисок на јавноста, по аферата со опасен отпад во Бугарија. Нашиот инспекторат им верува на документите и контролите од други земји оти и нема како поинаку.
-Тој отпад содржи третиран, селектиран комунален отпад, значи тоа подразбира пластика, гума, текстил.
-А како сте сигурни кога немате акредитирана метода да го проверите тоа?
– Тие што го извезуваат имаат услови со кои гарантираат за РДФ.
-Но, како сте сигурни?
-Тие кога го испорачуваат гарантираат дека е извршено анализа на тој РДФ отпад и под тие карактеристики се извезува – ни одговори Хисни Тачи, раководител во Државниот инспекторат за животна средина.
Ова е единствената државна лабораторија во рамките на Министерството за животна средина, сместена во кругот на скопска Железара, која е приспособена за испитувања, но само на почва, вода и воздух. Овде велат дека постепено се екипираат со опрема, но контролата, конкретно на РДФ, уште долго ќе остане недостижна цел за државата.
„Веќе е објавен тендер за избор на фирма консултант, која треба да нè води низ процесот на акредитација, правевме подготовки, сега купивме уште два нови инструменти кои ќе придонесат за акредитација. Оваа лабораторија немала можност, ни сега нема ни кога ќе се акредитираме со овие услови, нема да можеме да го испитуваме отпадот. РДФ-отпадот спаѓа во една друга категорија испитувања, затоа што тоа е гориво“, вели Африм Латифи, раководител на централната лабораторија на МЖСПП.
Кога државата не може да воспостави контрола, а јавноста нема доверба во пратките однадвор, најлесното решение е да се забрани увоз на алтернативни горива. Ако земјава сака во ЕУ, забраната ќе биде привремена, зашто производството и користењето на РДФ-горивото веќе три децении е стандард во Унијата. Значи, Законот повторно ќе се менува, само прашање е кога.