Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски изјави дека не би ги коментирал случувањата во Алијанса за Албанците бидејќи, како што рече се работи за друг политички субјект и дека одговорот треба да го дадат партиски органи.
-Точно е дека имавме средба со господинот Таравари и како што соопштивме после средбата разговаравме за односот во коалицијата, во техничката Влада во моментов но и за она што беше направено во изминатата година бидејќи додека јас ја водев Владата во половина од мандатот имаше министри и од Алијанса. Разговаравме во однос на тековни активности што се одвиваат во Владата, ние сме двајца претседатели на политички партии кои имаат свои министри во техничката Влада. Што се однесува до динамиката во Алијанса, не би коментирал бидејќи се работи за друг политички субјект и тие се нивните партиските органи, нивните функционери се тие кои што треба ги дадат одговорите и излезат со став, рече Ковачевски.
Според него местото на политичките партии е во коалиции кои што делат исти вредности.
Тој рече дека се уште важи понудата на СДСМ за сите оние политички партии, невладини организации и други организации и поединци кои ја делат визијата за Европска Македонија, да им се приклучат на изборите на 24 април и 8 мај.