(ВИДЕО) Иванов порача да се сплотиме и да тргнеме по вистинскиот пат

by fokus

Претседателот Ѓорѓе Иванов во своето новогодишно обраќање се осврна на политичката криза за која рече дека се одразила на секој од нас и порача во новата година да се сплотиме околу државните интереси.

„Дозволете да ви ја честитам Новата 2018 година и од се срце да ви упатам искрени желби за добро здравје, за повеќе радост, поголеми успеси и подобро утре.

Изминатава година бевме соочени со многу предизвици и премрежија. Политичката атмосфера, за жал, непријатно се одрази на целото општество и на секој од нас посебно.

Искрено се надевам дека во годината што доаѓа ќе се посветиме на убавите и позитивни нешта. Се надевам дека ќе смогнеме сила за да ги надминеме поделбите, да ги отфрлиме предрасудите, да се сплотиме околу државните интереси и да зачекориме на вистинскиот пат. Пат што води до поквалитетен живот, просперитет, благосостојба за сите наши граѓани. Да живееме во праведно општество втемелено врз вистината, слободата и мирот.

Затоа, ви посакувам новата година да ја започнеме со позитивни мисли, и силна верба и надеж дека можеме да ги исполниме нашите искрени желби.

Во новата година, посакувам повеќе да ја сакаме нашата заедничка татковина Република Македонија, и секој од нас да даде личен придонес за едно поубаво општество за нашите деца, родители, роднини, соседи и пријатели.

Посакувам повеќе да се почитуваме, да шириме љубов за да имаме мир со себе си и со другите.“

Поврзани новости