(ВИДЕО) Иванов: Не сум бил вклучен во договорот, сами нека си го завршат без мое учество

by fokus

Претседателот Ѓорге Иванов во изјава за бугарските медиуми тврди дека не ги избркал премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров од својот кабинет.

-Немојте да подлегнувате под медиумски лаги, иако сте вие медиум. Јас никого не сум избркал од мојот кабинет. Имав средба и за прв пат ми беше донесен документ во кој не сум вклучен ниту запознаен и затоа кога го добив документот, немав што да разговарам на таа тема и затоа им кажав, средбата кратко траеше, изјави Иванов.

Тој вели, како што го создале и донеле документот без негово учество, така премиерот и шефот на дипломатијата да си го завршат без негово присуство.

Не сум бил вклучен во донесувањето на тој документ, зошто јас да бидам тој што ќе го легализира истиот? Како го создале и донеле без мое учество, така и нека си го завршат без мое учество. Тоа е принципиелен став затоа што согласно Уставот и законите на Република Македонија, претседателот е надлежен за склучување на меѓународни договори. Претседателот бил исклучен од целиот процес, зошто да легализира туѓа активност за која е прекршено она што е создадено како еден вид консензус на државниот врв. Нема промена на Устав и нема прифаќање на ерга омнес. Тоа е нивна одлука и нивна одговорност, рече Иванов.

Тој вели, не прифаќа квалификации дека ја попречува стабилноста на регионот.

-Се знае кој е тој што сите овие години ја доведува Македонија во ваква состојба. Се знае кој ја блокира Македонија и влијае на нејзината иднина. Се знае кој го попречува правото на просперитет на еден народ. Секој претседател е под заклетва дека ќе го почитувам Уставот. Не можам да прифатам акт кој е споритвен на Уставот и законите на Република Македонија и кој е спротивен на консензусот изграден на државниот врв. Затоа вчера кажав, ова е личен акт на еден премиер кој не ги земал предвид сите последици од таков штетен договор кој создаваат голема несигурност и за Македонија и за регионот, додаде Иванов.

Поврзани новости