ВИДЕО: Иле е буден и добро закрепнува, со помош на Верче хирурзите спасија три животи

by Fokus

Дваесет и две годишниот Иле Стрезовски во чии гради денеска беше трансплантирано срцето на починатиот донор Верче Белчовска е буден и сите параметри му се добри, соопшти хирургот д-р Сашко Јовев кој заедно со својот тим и со тимот од Клиниката Жан Митрев ја изврши оваа сложена трансплантација на срце.

Цветко Стрезовски, таткото од Брвеница на 22-годишниот Иле Стрезовски, се заблагодари на семејството на починатиот донор Верче Белчовска за продолжувањето на животот на неговиот син.

-Прво да изразам сочувство на фамилијата на Верица и благодарност што му го продолжија животот на синот. Тој од 6 јануари боледува со слабо срце со 14 отсто работа и се бараше од тогаш донор. Разговараравме со синот, добар е сега. Голема благодарност до докторите и министерот за здравств“, рече Стрезовски пред медиумите по завршувањето на трансплантацијата на срце на Клиниката за кардиологија која е втора во македонската историја.

Посебна благодарност упати и министерот за здравство Венко Филипче, кој потсети дека органите на Белчевска овозможиле и трансплантација на два бубрези и за прв пат трансплантација на дел од коскениот систем.

-Живот на Белчевска не можеше да се спаси, но семејството и покрај тоа што беше во шок, собра храброст и донесе хумана одлука. Станува збор за форма на болест која прави срцето слабо да пумпа, само 10 отсто, и не можеше да се вгради вештачко срце. Младиот Иле е буден, се чувствува добро, сите параметри се добри и се надевам дека добро ќе закрепнува, рече Филипче.

Д-р Жан Митрев рече дека тој бил во улога на асистент и нагласи дека операцијата минала во најдобар ред.

-Трансплантацијата е извршена со сите ресурси врз младиот пациент кој се наоѓаше во исклучително тешка состојба. Операцијата беше извршена успешно. Во услови кога сме соочени со пандемија, еве се виде дека не ги забораваме и другите пациенти и очекувам и други пациенти кои се на листи на чекање дека ќе добијат шанса за живот, рече Митрев.

Маја Мојсова Мијовска, националниот координатор за трансплантација, вели дека станува збор за тешки и комплицирани процеси за кои се уште немаме систем за трансплантација во Македонија, но се работи на тој пат, бидејќи е мошне тешко да се направи таква програма.

Лекарскиот тим кој денеска изврши две трансплантации на бубрези кај 27-годишен пациент како и 40-годишен соопшти дека и кај нив состојбата е стабилна.

Д-р Сашо Дохчев кој заедно со д-р Ставридис од Клиниката за Урологија ја извршија трансплантацијата на бубрезите соопшти дека вториот бубрег од донорот бил со вродена аномалија но успеале да ја завршат трансплантацијата и кај вториот пациент.

Деновиве експлантираното меко ткиво и коските од починатата пациентка ќе бидат донирани пред се кај пациенти оперирани од метастази на коските и други карциономи, рече министерот Венко Филипче кој уште еднаш се заблагодари до семејството на Верче Беловска кое во својот најтежок момент на загуба и шок одлучи со донација на органите да спаси повеќе човечки животи.

 

Поврзани новости