Видео и фотографии: Што се случуваше вчера во Ѓорче Петров?

by lali

Деветнасет годишниот Ангел, два дена откако ја прослави матурата, загината од раката на крадец кој влегол во неговиот двор за да му го украде велосипедот. Починал пред очите на својот татко, кој бил заедно со него додека се обидувале да го фатат крадецот. Осомничениот убиец Н.Е. е приведен и признал дека на Ангел му нанел два убоди со нож во срцето кои биле кобни за матурантот од средното медицинско училиште.

Екипата на „Фокус“ вчера беше во куќата во Ѓорче Петров, каде што живеел Ангел заедно со неговите родители, со дедото и со 12-годишниот брат.

„Во куќата нема никој. Сите се во полициска станица на распит. Дома е само дедото, но тој се уште не знае дека неговиот внук е убиен. Човекот е болен, не знаеме како ќе го прифати тоа, не знаеме како да му кажеме… Ангел беше душа од човек. Немаше помирно дете од него. Бесни сме поради ова што се случи! Завчера му бевме на матура, а сега треба да му одиме на погреб“, низ солзи ни раскажаа другарите на Ангел.

Така всушност почнаа и тензиите. Жители од Ѓорче Петров почнаа спонтано да се собираат на главната улица во општината, а им се придружија и други граѓани. Ситуацијата почна да станува тензична откако беше откриено дека осомничениот убиец е од албанска националност – тогаш насобраната толпа се нафрли врз дуќаните чии сопственици се Албанци. Најпрво беше запалена кебапчилница во близина на пазарот во Ѓорче Петров.

„Сефо, ти гори дуќанот, побрзај!“, го повикуваа по телефон газдата неговите соседи.

Но, газдата не можеше да дојде навреме, бидејќи сите улици од Влае до Сарај беа блокирани. Противпожарната екипа дојде навреме, но, како што може да се види од видеото, од кебапчилницата на Сефо не остана речиси ништо.

Превртени автомобили и контејнери можеа да се видат на секој чекор. Гневот кај граѓаните по убиството на младото момче беше преголем, а особено ескалираше по доаѓањето на бројни полициски екипи и оклопни возила…

Се продолжи со уништување и кршење на сите дуќани во околината за кои се знае дека сопствениците се од албанска националност.

На секој што ќе се обидеше да снима или да фотографира, толпата, па и полицијата, реагираше жестоко. Една девојка која што се обиде да фотографира беше вербално нападната од еден од учесниците во толпата, по што реагираше нејзиниот татко и полицијата, па беше избегнат поголем инцидент.

Дел од жителите излегоа на улиците за да ги бранат своите дуќани.

„Во вакви ситуации не знаеме што може да се случи. Но револтот е голем. Дете загина! Не може да се премолчи преку ова“, револтирано изјавуваа жителите.

Полицијата приведе момче кое наводно уништувало и кршело дуќани, а дел од сопствениците на дуќани од албанска националност се криеја во една кладилница и беа изнесени од населбата со полициски возила. Разгневената толпа маваше со предмети кон полициските возила, по што пристигна и амбулантно возило откако една жена беше повредена на главата.

Оклопни возила, популарните „Желки“ и припадници на Алфите беа присутни на секој чекор.

Околу полноќ, во Ѓорче Петров пристигна и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков. Разговараше со полицијата неколку минути и веднаш си замина.

Брзо потоа, ситуацијата се смири. Само превртените контејнери, уништените дуќани и полициските возила останаа по улиците да сведочат за она што Македонија го доживеа вчера – загуба на еден млад невин живот и меѓуетнички тензии.

Поврзани новости