Навивачката група на скопскиот фудбалски клуб Шкупи наречени Шверцери во петокот прослави 30 години од нивното постоење во објектот на Македонски народен театар.
На настанот беа присутни и фудбалски имиња кои биле дел од клубот од Чаир, но и високи функционери од владејачката ДУИ, меѓу кои поранешниот и сегашниот градоначалник на Чаир Изет Меџити и Висар Ганиу, како и пратеникот Артан Груби, кој своевремено бил дел од навивачката група.
„Честитки пријатели, драго ми е што преживеавме три децении во толку многу проблеми“, напиша Груби на фејсбук.
Меѓутоа, агресивната родененска прослава на шверцерите предизвика многу негативни реакции во јавноста и на социјалните мрежи, а еден од оние што реагираа беше и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски:
„Во институција што е врв на културата во Македонија гледаме врвна некултура и дивјаштво. Колку треба да немате чувство кон институцијата која ја водите да ја издадете на навивачка група! Па уште истата да се вика Шверцери…“
Тој побара оставки од директорката на МНР и на министерот за култура, како и одговорност на премиерот Зоран Заев.