Локалните власти во португалскиот главен град Лисабон синоќа прогласија состојба на тревога и ги повикаа луѓето да останат во затворени простории бидејќи обилните дождови предизвикаа поплави, однесоа автомобили и влегуваа во згради, при што загина најмалку едно лице.
Португалската метеоролошка агенција IPMA го стави Лисабон, како и соседната област Сантарем и јужниот регион Алгарве, на „црвено“ метео предупредување поради интензивните врнежи и силните ветрови кои се очекуваат до петок.
Во Лисабон, цивилната заштита извести за стотици инциденти, од поплавени улици, железнички станици и театри до болници, а властите мораа да ги затворат патиштата и тунелите.
Командантот на Цивилната заштита, Андре Фернандес на прес-конференција изјави дека 55 годишна жена загинала во поплавен подрум во Алгеш, во близина на Лисабон. Нејзиниот сопруг, кој исто така бил во подрумот, бил спасен и преживеал.