(ВИДЕО+ФОТО) Раскинат е договорот за луна-паркот: Како изгледа локацијата каде беа планирани 16 нови реквизити?

Град Скопје неодамна влезе во процес на изградба на нов луна-парк, кој, според најавите на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, треба да биде поврзан со зоолошката градина и да биде готов до крајот на следната 2027 година. За таа цел, локалната самоуправа во мај годинава склучи договор со „Мастеф“ вреден 10 милиони евра, кој, меѓу другото, предвидуваше набавка и монтажа на 16 нови реквизити, меѓутоа овој договор бил раскинат. Во меѓувреме, на терен се уште може да се забележат остатоци од поранешните дискотеки, кои беа урнати заради реализација на проектот.

by vlatko 13:34
13:34

Договорот тежок 10 милиони евра за изградба на нов забавен парк во Скопје, кој, според официјалните најави, треба да биде готов до крајот на следната 2027 година, е раскинат, покажуваат информациите објавени на Бирото за јавни набавки.

Имено, Град Скопје на средината на оваа година (06.05.2026) склучи договор со друштвото „Мастеф“ за проектирање, набавка и монтажа на реквизити за забавен парк со партерно уредување и пропратни објекти, во вредност од 621 милион денари или околу 10 милиони евра.

Во рамки на овој тендер, единствена понуда била онаа на „Мастеф“, која настапила во група со „Пирамид Билдинг Солушнс“, како и со поддршка на 2 подизведувачи – „Жикол“ и „Геоконтрол“.

Меѓутоа, на БЈН е објавена информација дека договорот е раскинат на 17.08.2026 година, без објаснување зошто е направено тоа.

Затоа, пред неколку дена се обративме и до Градот и до компанијата со прашање по кој основ бил раскинат овој договор и кои биле причините за тоа, но досега не добивме одговор.

Инаку, Скопје нема забавен парк повеќе од една деценија. Иако во меѓувреме сите скопски градоначалници најавуваа изградба на нов луна-парк, па дури и отпочнуваа одредени постапки, сепак, никогаш не се реализираа овие најави.

Своевремено, тогашниот скопски градоначалник, Коце Трајановски, презентираше проект за нов луна-парк по пат на јавно-приватно партнерство, а потоа сам набави реквизити.

Но, неговиот наследник на градоначалничката функција, Петре Шилегов, го прекина проектот, со образложение дека не е добар, односно дека потребно е да се изгради забавен парк на поголема површина.

И покрај тоа што беше изработена студија од италијанското архитектонско студио „Баса“, според која требаше да се вклопат 7-те реквизити купени во времето на Трајановски, но и да се предвидат локации за поставување нови 20 реквизити, на крајот не се реализираше ниту идејата на Шилегов поради ковид-пандемијата.

Со доаѓањето на градоначалничката функција на Данела Арсовска во 2021, пак, овој проект беше целосно закочен, без оглед што предизборно Арсовска ветуваше „најдобар луна-парк на Балканот“.

Откако нов скопски градоначалник стана Орце Ѓорѓиевски по ланските локални избори, тој најави дека веднаш ќе почне постапка за изградба на забавниот парк, кој ќе биде стопанисуван исклучиво од локалната самоуправа.

Така, на крајот на ланската 2025 година беше распишана тендерска постапка за изведба на нов забавен парк, во чии рамки во мај годинава беше склучен договор со „Мастеф“ со времетраење од 36 месеци, што значи дека тој требаше да биде реализиран во 2029 година.

Од финансиската понуда, која е дел од договорот склучен меѓу двете страни, произлегува дека се предвидува набавка и монтажа на 16 реквизити: ролеркостери, мали авиончиња, авантуристичка машина за вртење, панорамско тркало, пиратски брод, машина за летање, рингишпил…

Во меѓувреме, т.е во февруари годинава, во функција на реализација на проектот за изградба на нов забавен парк, започна уривањето поранешните летни дискотеки на тој простор, со цел, како што рече Ѓорѓиевски, да се расчисти просторот.

Арно ама, половина година подоцна, градежен шут од урнатите дискотеки се уште може да се забележи на терен.

– Она што може јас да го гарантирам е дека до крајот на 2027 година, по многу долги години, скопјани ќе добијат најсовремен, најбезбеден луна-парк во целиот регион. Мислам дека тоа доста профитабилно ќе биде за главниот град, но ќе има содржини каде младите генерации ќе имаат можност да создаваат спомени. Ние за жал немавме таква можност – изјави Ѓорѓиевски на „4 Њуз“.

Тој појасни дека се предвидува забавниот парк да се простира на површина од 84 илјади квадратни метри, што е за 60 илјади квадрати повеќе од сегашната површина. т.е. парцела.

Притоа, според него, крајната цел е поврзување на луна-паркот со зоолошката градина.

–И во тој обем е таа квадратура. Но, тоа не подразбира кратење на градскиот парк, туку искористување на онаа градежна парцела целосно од 24.850 квадрати, кадешто бил стариот луна-парк, што значи дека не кратиме од градскиот парк, но ќе правиме поврзување на содржините – рече неодамна Ѓорѓиевски за „360 Степени“.

Оттука, тој ја поставува временската рамка за завршување на новиот луна-парк до крајот на следната 2027 година, додека договорот склучен меѓу Градот и „Мастеф“ се однесуваше за 3 години, што значи дека е со времетраење до средината на 2029 година.

По раскинувањето на овој договор од засега непознати причини, останува да видиме дали роковите ќе бидат запазени.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести