Фитосанитарната инспекторка Весна Велиновска денеска сведочеше на судењето на поранешниот директор на Државниот земјоделски инспекторат, Васе Анакиев, обвинет за примање поткуп од фирмата „Манови“ од Делчево.
Според обвинението, Анакиев побарал 100.000 евра мито за да дозволи влез на пет камиони со вештачко ѓубриво во Македонија. Тој беше фатен со 50.000 евра, а против него е поднесен обвинителен акт.
Велиновска пред судот изјави дека добивала притисоци од раководството и лично од Анакиев да ги врати камионите во Бугарија, иако, според неа, увозот на вештачко ѓубриво во рефусна состојба не бил законски забранет.
Камионите стоеле на граничниот премин Делчево од 6 до 13 март, кога биле вратени во Бугарија. Инспекторката посочи дека подоцна дознала оти истите камиони без проблем влегле во Македонија преку граничниот премин Деве Баир.
„Имав притисок да ги вратам камионите назад, да работам обратно од досега“, сведочеше Велиновска, додавајќи дека поради стресот побарала и лекарска помош.
Таа нагласи дека во законот нема општа забрана за увоз на вештачко ѓубриво во рефусна состојба и дека во конкретниот случај станувало збор за уреа. Според нејзиното сведочење, забраната испратена по електронска пошта до инспекторите, потпишана и од Анакиев, сè уште е во сила.