Поранешното раководство на Министерството за надворешни работи со мрежа од соработници го злоупотребило државниот буџет за купување на објекти во неколку држави за отварање на дипоматско-конзуларни претставништва, обвини на прес конференција државниот секретар во МНР, Виктор Димовски.
– Според увидот во документација за дипломатско-конзуларни претставништва, има јасни индиции за сериозни злоупотреби. Со одлука на владата 2007 година, издовени се 40 милиони евра за дипоматско-конзуларни претставништва, а со мини ребаланс се дадени плус 10 милиони евра. Со парите, купени се објекти во 5 држави, рече Димовски.
Според него, иако се формирале две комисии за оваа намена, тие функционирале само формално.
– Сите купени објекти се на локации каде што нема амбасади. Исклучок е Прага, каде прв сосед е Северна Кореја. Сите претставништва се во обични резиденцијални квартови. Овие објекти наведуваат на сомнение дека биле со многу помала цена отколку претставената. Владата ги фаворизирала поскапите, иако имало објекти на поубави места и многу подобри објекти за помала цена, рече државниот секретар на МНР.
Во цените, според Димовски биле вклучени непотребни реконструкции, а биле наведени и реконструкции кои некогаш не се случиле.
– Во спецификации за реконструкција стои цена за сменети прозорци, не се сменети, поправка за водоинсталација, не е направена, стои цена за најквалитетен паркет, а ставен е евтин ламинат. На пример, во Виена сумата за „најповолен“ објект е наведена како 3 милиони евра, реконструкција чинела 1,4 милиони евра. Постојат индиции дека продавачот на објектот за истиот платил 1.400.000 евра. Објектот во Будимпешта е руиниран и неупотреблив. Од 2010 година плаќаме закупнина за амбасадата, иако е купен објект од 1.700.000 илјади евра. Во Прага објектот бил дивоградба, иако бил купен, надлежните во Прага донеле одлука за уривање зошто бил изграден спротивно на законите. За купувањето е воспоставен систем кој подразбира создавање мрежа на странски адвокати, компании и лица со седиште во Виена, Прага, Будимпешта, Лондон и друи кои контактирале со комисиите, а комисијата понудите ги предлагала на Влада. Името на еден сопственик на фирми фигурира во неколку градови. Во адвокатските услуги, „Др. Фехер и парнтери“ е заеднички именител за сите адвокатски компании. Екс министерот и екс генералниот секретар на владата знаеле се. Постојат индиции за сторени низа прекршување на постапките. Заради ова непотребно се исплатени високи суми и е нанесена штета на буџетот на Република Македонија, рече државниот секретар во МНР, Виктор Димовски.