Александар Черговски (39), чии роднини денес за ,,Фокус” раскажаа дека е исчезнат од 18-ти февруари и апелираа до јавноста за било каква информација поврзана со него, е жив и здрав.
Веста ни ја потврди неговата роднина од Берово, Надица Белдедовска.
Таа вели дека разговарале телефонски и среќна е што конечно знаат дека е жив и здрав, безбеден.
-Прочитал дека го бараме, дека по него трага полицијата, дека сите сме вознемирени, и ни се јави. Овде бил целото време, во Македонија. Известени се неговите родители во Германија, ја известивме и полицијата. Сакам да им изразам огромна благодарност на медиумите, но и на сите добронамерни граѓани кои изразија загриженост и се понудија да помогнат на било кој начин. Драго ми е што настанот има добар крај – изјави таа.
Како што првично ни раскажа, нејзиниот внук Александар со родителите живеел во Германија. Тргнал кон Македонија и последен пат бил забележан на видео надзорот на Табановце, на 18-ти февруари. Од тој момент, му се изгубил секаков траг.
Случајот бил пријавен во полиција, а и родителите исто така пријавиле во полицијата во Германија.
Со себе не носел мобилен телефон, ниту платежни картички, туку готовина, што предизвикало сомнеж кај блиските дека можеби бил нападнат и ограбен.
Откако речиси три месеци откако бил пријавен како исчезнат во полицијата, не бил пронајден, семејството решило да објави негова фотографија и апел за пронаоѓање на социјалните мрежи во тек на вчерашниот ден.
Вики Клинчарова