Претседателот на ОК Бутел Дарко Костовски заедно со директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Александар Атанасов се првите кои се најдоа на Ѕидот на срамот, акција која ја отпочна Иницијативата за внатре-партиски реформи во ВМРО-ДПМНЕ. Според реформаторите, Костовски и Атанасов јавно се закануваат со физичко и вербално насилство врз членовите на партијата доколку активно не се вклучат во поддршка на кампања за избор на градоначалник во Бутел.
„Заканите идат до таму што веќе се прават списоци за членови на ВМРО-ДПМНЕ кои се вработени во ЈП и кои ќе бидат прераспределени на пониски позиции во претпријатието, и се вработени кои се подржувачи на Иницијативата за внатре-партиски реформи во ВМРО-ДПМНЕ. Тие треба да се грижат за граѓаните и да работат во нивен интерес, а не да се закануваат на членовите и со закани да бараат поддршка. Господинот Атанасов треба да е засегнат зошто во општината Аеродром континуирано се случува прекин со снабдување со вода, а не да води кампања со линч врз граѓаните“, велат од Иницијативата.
Акцијата има за цел јавно да бидат објавени имињата на членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои кон своите сопартијци се однесуваат насилно и агресивно, за јавноста да биде запознаена со ваквите постапки од поддржувачите на актуелниот претседател.
Тие велат дека повод за оваа акција е притисокот и заканите кои ги трпат и се прават врз членовите на инцијативата за внатре-партиски реформи во ВМРО-ДПМНЕ со цел да се откажат од процесот на демократизација и реформи во партијата.
„На ѕидот на срамот ќе бидат објавени сите имиња на членови кои ќе се дрзнат да агитираат и да се закануваат за поддршка. Денес ги објавуваме првите имиња и континуирано ќе ги објавуваме имињата на сите оние кои ќе се дрзнат да работаат спротивно на идеалите на ВМРО ДПМНЕ. Мораме да работиме да слобода и демократија има во сите институции, политички партии и во јавноста, тоа не задолжуваат генерациите наназад кои жртвуваа многу за да ние денес уживаме во неа. Да не дозволиме Македонија да се претвори во лична своина и диктатура на поединци. Европско ВМРО ДМПНЕ за Европска Македонија”, се наведува во соопштението.