Ветеринарната комора денеска организира состанок за координирање на активностите на ветеринарните друштва за преземање превентивни мерки против африканска свинска чума.
На состанокот ќе учествуваат претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство и Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ.
Комората укажува дека болеста е особено опасна и заразна, поради што состојбата будно се следи.
-Во моментов најважно е вклучување на одгледувачите на свињи и тоа не само оние кои имаат високо технолошко ниво на одгледување, туку и на оние кои свињите ги одгледуваат во мал број, екстензивно и за свои потреби. Токму тие одгледувалишта се најслабата алка, поради слабата едукација и свесност на за боелста, и последично, непримената на базичните елементи на бисоигурност, вели за МИА претседателот на Ветеринарната комора, Томислав Николовски.
За болеста, нагласува Николовски, не постои терапија и имунопрофилакса (вакцинација) па брзата детекција – дијагонстицирање и брзото преземање мерки на сузбивање и искоренување преку уништување на заболените и загрозени единки, ќе го спречат натамошното ширење на инфектот.
Во оваа насока, неопходно е едукативно делување од страна на ветеринарните друштва кои се во непосреден контакт со сопствениците на фармите. Мора да се подигне свеста и одговорноста за брзо пријавување сомнеж за појава на болеста.
Тој информира и дека Националното тело за контрола на болести во кое учествуваат бројни институции, вчера, под претседателство на директорот на АХВ, Зоран Атанасов, одржа состанок на кој беа делегирани обврски и задачи за спроведување превентивни и мерки на сузбивање и искоренување при евентуална појава на африканска чума во земјава.