Радмила Шекеринска е на политичката сцена е од деведесеттите години. На почетокот на годинава, таа прво се повлече од раководството на СДСМ, каде беше заменик претседател, а на крајот од годинава соопшти дека се повлекува и од Владата, каде петта година ја извршува функцијата министерка за одбрана.
Веќе нема дилеми дека причината за нејзиното повлекување и од партијата и од Владата се несогласувањата со дел од политиките во СДСМ, за што Шекеринска се поотворено и директно говори.
-Тогаш најавив дека ќе се повлечам од раководството на СДСМ поради тоа што не се согласував со дел од политиките. И мислам, можеби сум субјективна, дека дел од тие политики придонесоа за поразот што го доживеавме на локалните избори.
Затоа мислам дека единственото чесно или принципиелно поведение, единствената чесна одлука би била да кажам дека нема да учествувам во следната Влада, рече Шекеринска кога соопшти дека нема да биде дел од новиот иден владин кабинет.
Својата политичка кариера, Шекеринска ја започна во Социјалдемократската младина на Македонија во 1992 година. Таа учествуваше во изработката на Платформата на СДММ и нејзиното автономно политичко дејствување во рамките на СДСМ.
ТРИЕСЕТ ГОДИНИ ВО ПОЛИТИКА
Во 1995 година, пак, избрана е за претседател на СДММ. За време на својот прв мандат, со раководството на СДММ успеа да се избори за 20 отсто квота за млади во сите органи на СДСМ.
Шекеринска дипломирала на Електротехничкиот факултет во Скопје во 1995 година, но својата активност во СДСМ ја започнува уште пред да дипломира. Затоа, може да се каже дека таа е политичар од кариера, со оглед дека 30 години се занимава исклучиво со политика.
-Политиката знае да се земе под свое – рече Шекеринска во еден телевизиски настап, непосредно откако се повлече од раководството на СДСМ.
Инаку, таа од 1993 година е избрана за член на Централниот одбор на СДСМ во неколку мандати, но во јавноста беше позната како предводник на младината, каде беше претседател од 1995 до 1999 година и портпарол на партијата.
Набљудувачите на политичките настани и процеси велат дека таа нејзина особина се бистрата мисла и остриот збор.
ВО 2006 СТАНА ЛИДЕР НА СДСМ
Во СДСМ ги има поминато сите партиски скалила, а во 1999 година е избрана за потпретседател на ЦО на СДСМ и за меѓународен секретар на партијата.
Во владата предводена од СДСМ од 2002 до 2006 година беше вицепремиер за европска интеграција и координатор за странска помош. Токму во тек на нејзиниот мандат, нашата земја го стекна кандидатскиот статус за членство во Европската Унија.
По изборниот пораз на СДСМ на парламентарните избори во 2006 година, Шекеринска станува лидер на СДСМ, заменувајќи го Владо Бучковски.
Сепак, под нејзино водство, СДСМ загуби убедливо на парламентарните избори во 2008 година од ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски, кој тогаш беше во зенитот на политичката моќ.
После овие избори, Шекеринска си даде оставка од претседателското место на партијата, а камбек на лидерското место најави тогашниот шеф на државата Бранко Црвенковски.
Шекеринска ги претставуваше граѓаните во највисокиот законодавен дом во неколку пратенички мандати од 1998 година.
Во 2012 година, кога се случи „црниот понеделник“, Шекеринска беше дел од опозицискиот состав којшто се противеше на носење на буџетот.
На 24 декември пред точно девет години пратениците од социјалдемократските редови, тогаш во опозиција, беа исфрлени од собраниската сала, заедно со новинарите во галеријата, кога се носеше Буџетот за 2013 година.
Во турканицата Шекеринска беше повредена, а нејзиниот колега Игор Ивановски-Шема ја изнесе на раце од собраниската сала.
ЈА ВЛЕЧЕА И ТУРКАА ВО СОБРАНИЕ
Таа беше жртва и на „крвавиот четврток“ кога маскирани и вооружени лица упаднаа во Собрание, а еден од нив ја тегнеше Шекеринска за коса.
Напаѓачот беше осуден на четири години затворска казна, а после упадот кога новинари и пратеници излегоа со раскрвавени глави, СДСМ успеа да ја преземе власта.
Во новата влада Шекеринска го доби министерското место за одбрана и за време на нејзиниот мандат земјава стана полноправна членка на НАТО Алијансата, откако беше постигнат Преспанскиот договор со Грција.
Шекеринска се повлече од потпретседателското место на партијата пред локалните избори есенва, на кои партијата доживеа пораз.
По изборите, и лидерот на СДСМ Зоран Заев поднесе оставка од лидерската и премиерската функција. Во партијата и Шекеринска и Заев добија замена, а наскоро ќе ги напуштат фотелјите и во владиниот кабинет.
Шекеринска по речиси 30-години во политиката децидно не кажа дека ја напушта познатата сцена, но по напуштањето на владата ќе остане само член на партијата во која е од 1992 година.
Ф.Ф.С