Советот за етика во медиумите остро реагира на тенденциозното известување на повеќе медиуми околу вчерашното обраќање на обвинителката Фатиме Фетаи на прес конференцијата организирана од Специјалното јавно обвинителство.
„Особено ги осудуваме наводите на насловната страница во денешното издание на дневниот весник „Вест“ во кои се вели „Фатиме Фетаи промовира нов официјален јазик“ и „Тортура на албански“.
Обидите за манипулација и извртување на вистината се очигледни, а вчерашниот настан и обраќањето на обвинителката се врамуваат на погрешен начин и во погрешен контекст. Таквото известување може да предизвика омраза на етничка основа и дискриминаторни ставови и однесување кон населението, а медиумот да го претстави како носител на таквите предрасуди и создавањето погрешни уверувања кај јавноста.
Ова е во спротивност и со членот 8 од Кодексот на новинарите во кој, меѓу другото, се вели дека „начинот на информирање во судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми“, потоа со членот 10 од Кодексот според кој „новинарот нема да поттикнува на дискриминација врз која било основа, вклучувајќи ја и националната“.
Потсетуваме дека Вест е потписник на Повелбата за етичко известување во која, меѓу другото, е наведен и принципот на почит и толерантност, што подразбира почит на достоинството, угледот, правата и личниот интегритет на поединците во информирањето на јавноста. Медиумот во своето известување нема да се служи со стереотипи, предрасуди и потценување по која било основа и нема да се служи со говорот на омразата и потпалувачки говор.
Истовремено, потсетуваме дека медиумите се должни да информираат точно и вистинито, да се придржуваат на стандардите на пристојност во известувањето и јазикот на новинарите секогаш треба да биде одмерен и неутрален, наспроти оној што нуди готови заклучоци и судови. Комисијата за жалби при СЕММ работи и на другите случаи на некоректно известување и кршење на Повелбата во врска со истиот настан.“ се наведува во реакцијата на Советот за етика.