Да живее Фатиме Фетаи! Да живее албанскиот јазик!

by Фокус

Ида Протугер Вељковиќ

Долго ме мачи едно прашање кое произлезе од распадот на поранешна Југославија. Како беше можно од едно општество во кое се негуваа различностите сплотени под мотото „братство и единство“, буквално преку ноќ да пламне таков национализам што ќе предизвика тие „браќа и сестри“ во социјалистичка Југославија да се испоубијат меѓусебно само во неколку години на распадот на поранешната држава?!?

Наједноставното објаснување што можам да си го дадам за таквата комплексна разврска е дека, без оглед на широките слободи што постоеја во тоа време, сепак тоа бил автократски режим кој форсирал послушност кон „лидерот“ и политиките на партијата и не поттикнувал критичко размислување и индивидуална одговорност.

Оттука, со менувањето на „газдата“, кога на сцена настапија политички лидери полни со национализам, многу граѓани таквата реторика и политика ја „проголтаа“ и почнаа да се однесуваат согласно новите „упатства“. Во Македонија, реториката на Глигоров се разликуваше од онаа на Туѓман и на Милошевиќ и бевме „оаза на мирот“, сѐ до стапување на сцена на националистичката ВМРО-ДПМНЕ, во чие владеење се случи воениот конфликт од 2001 година.

НАШИОТ „ДОНАЛД ТРАМП“

Таквото однесување на масите е опишано во психологијата, а вредни анализи на однесување на „стадото“ наспроти индивидуалната слобода можат да се прочитаат кај Фром и кај Арент. Мојот скромен заклучок е дека две нешта имаат најголема моќ да го определуваат однесувањето на мнозинството граѓани: пораките на политичките лидери и пораките од медиумите. Типичен пример е актуелниот проблем со прифаќањето на бегалците во ЕУ.

Може да се забележи дека во земјите со конзервативна, десничарска власт, каде што политичките лидери употребуваат националистичка реторика, се менува и однесувањето на граѓаните кои стануваат помалку толерантни кон различностите (по вера, нација и сл.), како во Унгарија, Словачка, па дури и Данска со некои потези. Мнозинството граѓани, сепак, не можат да имаат квалитетни широки познавања и во најголем дел се информираат од медиумите и ги слушаат пораките на политичките лидери.

Оттука, улогата на медиумите е премногу важна, затоа што ако тие не обезбедат плурализам во мислењата и не ги анализираат политичарите и настаните низ критичка призма туку го јакнат нивниот авторитет, граѓаните полесно ќе ја прифаќаат и усвојуваат таквата реторика и политика.

Затоа во Данска, која е на трето место според индексот на медиумски слободи (веднаш зад Финска и Норвешка), е тешко национализмот да ги „зафати“ мнозинството граѓани, за разлика од Унгарија, која е во друштво на балканските земји на 65. место (без Македонија која е многу подолу од нив, на 117. позиција) и каде што бевме сведоци дека репортерка шутираше бегалец.

Замислете, најголемиот дел од американските медиуми да го „продаваат“ Доналд Трамп „здраво за готово“?!? Да нема дебати, мислења на други политички лидери, критики кон Трамп или слично? Е, па нам во Македонија баш тоа ни се случува.

Македонските граѓани се бомбардирани од „Доналд Трамп“ реторика преку најголем дел од медиумите, без да се обезбеди ниту плуралност, ниту втора страна, тамам работа да се зборува за опсервација низ критичка призма. Без оглед што има голем број медиуми што се на висина на задачата, сепак, оние кои со владини пари (читај наши) купија скапа програма со која обезбедија гледачи, држат најголем дел од медиумскиот простор и го трујат со пропаганда.

МЕДИУМСКА ТОРТУРА

Фрчкоски во една колумна заговараше создавање две Македонии, наша и нивна, што покрена полемики. Таа колумна беше одговор на политиката на поделби што ја форсира Груевски цела деценија, но, за разлика од Фрчкоски, Груевски успеа да креира „своја“ Македонија, и тоа со помош на продадените новинарски души.

Во нивната Македонија, на пример, веста за тоа што кажала обвинителката Фатиме Фетаи ја нема, туку само спинот дека таа го брани Бошкоски кој „го продавал“ името. Сите изјави и прошетки низ земјата на Груевски се наменети за таа „Македонија“ и неговата публика која се осипува, но тој со сите сили и инструменти на располагање сака да ја задржи.

Тоа не би му успеало без сесрдна поддршка на медиумите и новинарите што тој ги корумпираше со пари и функции. Тие медиуми и новинари на граѓаните им го одземаат уставно загарантираното право да бидат информирани (член 16) и тие се подложни на тортурата на дезинформирањето и пропагандата. Затоа би било добро да одговараат, затоа што ако оваа медиумска тортура остане неказнета, тоа ќе биде порака дека секој може да си игра со граѓаните и со нивното право на информирање.

Нема да биде доволно ако бидат екскомуницирани од новинарската фела по промената, туку да одговараат затоа што тие ќе бидат остатоци од „груевизмот“ и по падот на Груевски, кој неминовно ќе следи. Во тој инженеринг на Груевски за креирање паралелна Македонија, новинарите му помагаат со насловни страници со наслов: „Фатиме Фетаи промовира нов официјален јазик – Тортура на албански“. Во „таа“ Македонија, вие немате можност да ја чуете или прочитате изворно изјавата на Фетаи, која патем зборува перфектен македонски, подобар од можеби 90 отсто од Македонците.

И настрана од перверзните спинови на медиумите, што е спорно што зборувала на албански? Во 21 век, кога медиумите во светот гледаат да обезбедат програма на што повеќе јазици за да ја зголемат својата публика, ние, каде што една четвртина од населението е од албанска националност, сѐ уште како „баба рога“ ги плашиме граѓаните со албанството?

Јас лично многу се израдував на идејата на Заев да се воведе албанскиот јазик во училиштата. Замислете ја таа придобивка во портфолиото на знаења на вашите деца да е побогато за уште еден јазик, особено што го зборува една четвртина од луѓето во државата (што отвора можности за предност при вработување, збогатена комуникација, проширување на бизниси и сл.) и тоа бесплатно? Нашите деца учат неверојатни „научни“ невистини во новите учебници, а албанскиот јазик барем би бил корисно и применливо знаење.

„МИНУТА ОМРАЗА“

Но не, пропагандата забревта да го критикува Заев и да ги плаши граѓаните со албанскиот јазик и сега повторно ја става Фетаи на тапет.

Се прашувам која е придобивката ако Македонија би била на Македонците, а не на граѓаните што живеат овде? Зошто правата на Албанците да зависат од некакви проценти на население, а не од потребите што произлегуваат од заедничкото живеење и олеснување на тој живот?

Тешко е да се бара разум и самостојно мислење во ова безумие од пропаганда, која го меле здравиот разум, но навистина имам прашање до „гордите“ Македонци, на кое не можам да најдам одговор. Колку проценти се посреќни ако Албанците имаат помалку права во земјата и ако се маргинализирани? Зашто тој страв од различноста и таа ксенофобија? Зошто Албанецот не го гледаат како сограѓанин, како брат, туку го гледаат како некој што ќе им ја „украде“ Македонија? Како ќе ја украде? Ќе им ја пикне во куфер и ќе им ја пренесе преку граница? Како се прави тоа, баш ме интересира?

Разбирам дека Груевски цела деценија ги труе со националистичка пропаганда и им го компензира чувството на беда од празниот паричник со „национална гордост“ дека се потомци на Александар, горди Македонци и слично, но нема ли барем трошка разум што ќе ги отрезни дека нивниот гнев е од сиромаштијата, дека фрустрацијата оттаму произлегува, а не од „минута омраза“ на непријателот, како во романот на Орвел?!?

Да не се лажеме, Љубе Бошкоски и како член на ДПМНЕ (Демократска партија за македонско национално единство) и како лидер на Обединети за Македонија се служеше со националистичка реторика и на таа карта „ловеше“ гласови. Но, тоа не ја спречува Фатиме Фетаи да ги брани правата на овој Македонец, кој беше подложен на тортура, иако е Албанка, нели?

Тоа е таа граѓанската Македонија што јас лично силно ја посакувам, а ја видов во ликот на трите дами од СЈО. Држава каде што ќе се почитуваат правата на секој граѓанин, без оглед на полот, верската или етничката припадност. Каде секој граѓанин ќе се чувствува безбеден и почитуван, а со тоа и среќен. Тие три жени се ликот на таквата држава. Македонија паметна. Македонија праведна. Македонија храбра. Македонија различна.

Да живее Фатиме Фетаи. Да живее албанскиот јазик!

 

Поврзани новости